По најавата за штрајк на ЈСП, доцна синоќа градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, понуди бесплатен превоз за стари и изнемоштени лица кои имаат потреба да излезат од дома. Отстапени три службени автомобили за потребите на граѓаните. Градоначалникот вели дека предлогот за бесплатен превоз во услови кога нема јавен превоз стигнал од член на неговиот тим.
„Разговараме околу проблемите што ќе ги предизвика штрајкот на ЈСП за жителите на нашата општина кога член на тимот предложи да помогнеме на социјално загрозено лице да стигне на лекар, на закажан термин за денес. Заклучивме дека тоа лице сигурно не е единственото кое поради укинатиот јавен превоз нема да може да стигне на закажаниот термин и решивме да отстапиме три општински возила за потребните на стари или изнемоштени лица да стигнат онаму каде што треба. Тоа е наш начин да помогнеме онолку колку што можеме“, вели градоначалникот Костовски за „А1он“.
За услугата што ја нудат ги информираа жителите на Бутел преку социјалните медиуми. Лицата кои имаат потреба од превоз од утрово од осум часот веќе се пријавуваат за бесплатниот превоз на телефонскиот број 075/274-421.
„На телефонскиот број веќе имавме неколку јавувања. Отприлика по едно лица на половина час, но возилата ќе им стојат на располагање на граѓаните до 16.30, односно до истекот на работното време. Очекуваме да помогнеме на 50 – 100 наши жители кои немаат друга можност за превоз. Многу ми е мило што досега ниту едно лице што се јави не ја злоупотреби можноста. Сите кои се јавија ги носевме на лекар, по амбуланти и клиники“, рече градоначалникот Костовски.
Тој се надева дека проблемите со јавниот превоз ќе се решат, но доколку штрајкот на ЈСП продолжи и во наредните денови најави дека ќе понуди дополнителни решенија во соработка со општествено одговорни компании.
Скопје остана без јавен превоз оти ЈСП се уште не ја исплатило септемвриската плата на возачите иако законскиот рок за исплата н платите е до 15 во месецот.