Државниот завод за ревизија утврдил сериозни неправилности и системски слабости во работењето на Државната изборна комисија (ДИК) за 2024 година, покажува најновиот ревизорски извештај.
Ревизорите констатирале дека пописот на средствата и обврските не бил спроведен согласно законските прописи, а дел од недвижностите воопшто не биле вредносно проценети. Дополнително, планирањето и одобрувањето на буџетските средства за спроведување на изборите не се вршело во согласност со утврдените законски пропорции.
Во извештајот се нотира и дека документацијата за трошоците од изборните активности била доставувана ненавремено и нецелосно. Утврдени се и набавки на стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка, како и недоследна примена на одредбите од Законот за јавни набавки.
Анализата покажала отстапувања и во распределбата на средствата предвидени со член 88 од Изборниот законик. Наместо законски утврдените 33,33 проценти за платено политичко рекламирање, при планирањето биле определени 50 проценти, додека за останатите изборни дејствија наместо 66,67 проценти биле предвидени исто така 50 проценти. Во конечната распределба, 43 проценти од средствата завршиле за политичко рекламирање, а 57 проценти за други изборни активности.
Како последица на ваквото отстапување, 129,4 милиони денари, првично наменети за други изборни дејствија, биле пренасочени кон исплата на трошоци за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.
Ревизорите укажуваат и на пошироки системски слабости, меѓу кои потребата од усогласување на законската регулатива за оданочување на изборните активности, како и преиспитување на моделот за распределба на средствата за политичко рекламирање.
