Ризик од опасни козметички производи и играчки на пазарот – листата на забранети супстанции не е ажурирана 16 години

Од:

На македонскиот пазар постои ризик да се продаваат козметички производи и детски играчки што содржат забранети и штетни супстанции, предупредува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во конечниот извештај за работењето на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за 2024 година.

Според ревизорите, листата на забранети супстанции во козметичките производи не е ажурирана ниту еднаш од 2010 година и не е усогласена со европските стандарди. Додека во Македонија листата опфаќа околу 1.600 супстанции, во Европската Унија таа во меѓувреме е повеќепати надградувана и содржи 1.751 забранета супстанција.

„Поради тоа постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанции што во ЕУ се утврдени како штетни по здравјето, а кај нас не се забранети“, се наведува во извештајот.

Ревизијата открива и сериозни недостатоци во лабораториските капацитети. Во земјава нема лабораторија опремена за испитување на фталати и бор во детските играчки, а Институтот за јавно здравје врши само ограничен број анализи на козметичките производи. Ова создава проблем и при оспорување на резултатите од инспекциски надзор, бидејќи нема втора независна лабораторија за повторно тестирање.

Дополнително, ревизорите констатирале слабости во инспекциските постапки – документацијата често е на странски јазици, повеќе од 90 проценти од предметите не се архивски заверени и потпишани, а во 63 проценти од запрените постапки недостасуваат докази врз основа на кои е донесена одлуката.

ДЗР нотира и сериозен недостиг од кадар во Инспекторатот. Пополнети се само 59 проценти од систематизираните работни места, а најголем дел од инспекторите се на возраст над 50 години. Во текот на 2024 година не биле одобрени нови вработувања и покрај доставените планови.

Ревизорите препорачуваат Министерството за здравство, заедно со Инспекторатот и Институтот за јавно здравје, итно да ја ажурира листата на забранети супстанции, да ги зајакне лабораториските капацитети и да преземе мерки за надминување на недостигот од инспектори.

Би можело да ве интересира

„Мој Термин“ без одржување речиси 38 отсто од времето, со сериозни ризици за безбедноста

Жените се побројни во јавниот секотр, но на раковдни функции се драстично помалку

Катерина Ѓуровски

Во Пазарен инспекторат има само половина од предвидените инспектори

Ангелов: И јас укажував на слабостите, но состојбата е значително подобрена

Македонија е неподготвена за природни катастрофи, недостиг на пожарникари, опрема и стратегија

Работните спорови ја чинеле државата 64 милиони евра, тројно зголемен бројот на тужби