Ѓоргиевски назначен и за директор, по разрешувањето на Лидија Димова

Од:

Од привремена замена за разрешената директорка Лидија Димова, вршителот на должност Марко Ѓоргиевски е назначен на директорската позиција на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. До Управниот одбор биле доставени и други две апликации, кои од старт биле одбиени. Како што објаснуваат оттаму, освен Ѓоргиевски, другите кандидати не ги исполнувале условите за аплицирање.

„Беа доставени две апликации преку официјалниот мејл на Националната агенција за европски образовни програми и мобилнст кои не ги исполнуваа условите за аплицирање, односно не беа уредно доставени, но и не ги исполнуваа условите во поглед на потребната документација за аплицирање утврдени во огласот. Согласно со постапката предвидена во јавниот оглас за избор на директор, изборот е направен од УО, при што во ниеден момент не се дискутираше за било каква политичка позадина, бидејќи целта на УО беше да се направи избор на директор кој успешно ќе ја води НАЕОПМ во наредниот период и ќе ја претставува нашата држава пред ЕУ и останатите национални агенции“, велат од Управниот одбор за „А1он“.

Предност на Ѓоргиевски било и неговото менаџирање со Националната агенција, бидејќи како што посочуваат од Управниот одбор: „Тој покажа дека ги познава законите и процедурите и ги применува соодветно,  што е  темел за транспарентно и одговорно управување со НАЕОПМ и  со користењето на средствата од ЕУ“.

„По разгледување на доставената документација по наведениот конкурс и спроведеното квалитативно интервју, од наша страна беше донесена одлуката за именување на директор.  Кандидатот Марко Ѓоргиевски ги исполнуваше условите наведени во огласот, а при спроведеното интервју покажа одлични познавања за материјата што се уредува, го познава образовниот процес во сите негови сегменти, поседува организациски способности и  има визија за НАЕОПМ“, додаваат од Управниот одбор.

Изборот на Ѓоргиевски доаѓа по пет месеци откако тој беше именуван за вд директор на Националната агенција, согласно законскиот рок. Тој беше вршител на должност откако Управниот одбор ја разреши Лидија Димова откако и беше поднесена кривична пријава од Финансиската полиција, за која подоцна Обвинителството отвори истрага.

Димова се сомничи за сторена измама на штета на средства на Европската заедница и злоупотреба на службена положба и овластување. Во случајот се опфатени уште три лица. Сопственикот на фризерницата „В.Е.З. Трејд“, Зоран Златковски чија фирма добивала проекти од Националната агенција, Александар Гочев кој бил ангажиран во Националната агенција и пензионираната благајничка Ана Павлиду. Гочев и Златковски се гонат за измама на штета на средства на Европската заедница. Павлиду се товари за кривично дело несовесно работење во службата. На сите, освен Павлиду, им се одземени пасошите.

Случаите се покренаа откако „А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски им префрлал пари на трансакциска сметка и  барал да му ги вратат во кеш. Златковски на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не зел пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.

Би можело да ве интересира

ОЛАФ доаѓа за истрагата против Лидија Димова и фризерницата, ќе ги испитува злоупотребите со обвинителот

Сослушана Лидија Димова за злоупотребите во Националната агенција, поради короната, истрагата ќе биде продолжена

Кристијан Ландов

Короната го одложува исказот на Лидија Димова, благајничката и соработникот, но и одлуката за обвинението

Кристијан Ландов

Националната агенција ги прекина проектите вредни 211 илјади евра на фризерницата на Златковски

Обемен доказен материјал против Лидија Димова и другите осомничени, истрагата може и да се прошири

Димова пред да ја разрешат исплатила 26 илјади евра кон фризерницата, додека Финансиската полиција водеше истрага

Кристијан Ландов