Сашо Трајковски, инженер во поранешната УБК, сведок на СЈО во предметот „Таргет Тврдина“, во исказот пред судот рече дека ги гледале како ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот началник на петтата управа во УБК, Горан Грујевски од нивните компјутери се логираат на системот за следење на комуникациите.
„Се логираа од компјутери што беа поврзани на системот „Најс“, рече сведокот пред судот.
Трајковски, на прашање на СЈО, рече дека Мијалков и Грујевски се најавувале од четвртата зграда во МВР, од првиот кат, каде што бил кабинетот на директорот на тајната полиција, и од третата зграда од првиот кат, во т.н. началничка канцеларија, за што во системот биле генерирани соодветни букви кои асоцирале кој од каде се логира да следи.
Трајковски, кој е трет сведок на СЈО во постапката, ги појаснуваше значењата на корисничките имиња преку кои се логирале корисниците на овој систем. Тој рече дека броевите кои требало да бидат ставени на системот за прислушување биле давани на обично ливче, а во најмалку еден случај за тоа видел писмена наредба т.е. одобрение од суд.
Сведокот рече дека Мијалков и Грујевски можеле да ги слушаат разговорите и да ги гледаат сите таргети кои биле ставени во системот на групата наречена „важно“, но не можеле да маркираат броеви и да ги експортираат податоците.
Првото рочиште за предметот се одржа на 17 јануари 2018 година, а постапката беше закочена неколку месеци поради сослушување на првите двајца сведоци на СЈО, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.
Обвинението за овој предмет СЈО го подигна на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Васко Маглешов