Иницијативата O2 во соработка со Институтот за комуникациски студии спроведе герила акција со цел да укаже дека е неопходна слобода на зеленилото, во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
„Кога не разбирате што ви се зборува, ќе мораме да ви нацртаме“ – е пораката на О2 иницијатива, граѓанско здружение кое се бори за здрава животна средина и чист воздух.
Во Градскиот парк во Скопје, симболично беа доцртувани забетонираните корења на дрвјата и ставени синџири. Со акцијата здружението ги повика надлежните градски и општински власти да го отстранат бетонот со кој се задушени корењата на повеќе од 1000 дрвја на територијата на Скопје, но и низ останатите градови во државата.
„Како градоначалник кој раководи со Координативното тело на градоначалниците во градов, првиот човек на Скопје, Петре Шилегов има можност, но и должност, да го постави ослободувањето на сите заробени дрвја како заедничка акција. Шилегов неодамна изјави дека само 187 од над 1,000 заробени дрвја во Скопје биле под нивна наделжност, но дури и од нив градот во период од 6 месеци, ослободил само 20. Ефектот на една крошна од овие возрасни дрвја не се реплицира ниту со 100, ниту пак со 200 ново засадени“, велат од здружението.
Според експертите од шумарскиот факултет, како што велат, дрвјата мора да бидат ослободени веднаш, без ниту еден ден допонително одолговлекување бидејќи летните жештини и високите температури ќе значат угинување на најмалку 200 до 300 повеќе децениски, во моментов исклучително загрозени дрвја.
Зелените површини според генералниот урбанистички план на Скопје во 2012 година завземаат вкупно 529 хектари односно 6 отсто од вкупната површина на градот, се наведува во студијата за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје од 2015 година.
„Едно дрво може да претставува живеалиште на голем број птици и инсекти. Колку е крошната поголема, толку е поголем неговиот биодиверзитет. Дел од жителите на крошните се биоконтролори на паразитите кои се штетни и за човекот. Биодиверзитетот во урбаните области ни обезбедува и економски и еколошки придобивки, кои значајно влијаат врз квалитетот на животот на градските жители. Градското зеленило го прочистува воздухот и ја апсорбира прашината и штетните гасови за 30 до 40 отсто. Во деловите со интензивно зеленило, загаденоста на воздухот е за два до три пати помала од другите делови на градот. Градските паркови штитат од бучава, силно сонце и ветрови и ја регулираат температурата во населбите. Еден градски парк со димензии од 10 хектари ја намалува температурата во околината за еден степен целзиусов.“, заклучува О2 иницијативата.