„И во следниот мандат, граѓанскиот сектор ќе биде активно вклучен во работата и креирањето на политиките на Општината. Работиме транспарентно и инклузивно за Центар што го сакаме,“ истакна градоначалникот на Општина Центар и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски.
Тој нагласи дека граѓанскиот сектор е стратешки партнер на Општината , од подготовка на буџетот до реализација на проекти и услуги за граѓаните.
„Буџетот секоја година го носиме заедно со граѓаните и нивните организации, преку јавни форуми на кои тие предлагаат решенија и проекти,“ додаде Герасимовски.
Општина Центар е првата и единствена општина во државата што на своите граѓани им обезбедува социјални услуги преку здруженијата на граѓани, лиценцирани даватели на услуги.
Токму така се создадоа услугите за стари лица, бесплатниот превоз за лица со попреченост и услугата Итно копче, кои денес функционираат и даваат реални резултати. Дополнително, Општината им обезбедува простор на невладините организации за работа, обуки и а активности за поддршка на ранливите категории граѓани.
Општината во последниот период разви и три нови услуги: психосоцијален третман и поддршка за жртви на родово засновано и семејно насилство во соработка со ХЕРА; превенција и третман на млади во ризик од злоупотреба на дроги и психосоцијална поддршка во соработка со ХОПС и индивидуализирани услуги за деца со попреченост преку примена на асистивна технологија во соработка со здружението „Отворете ги прозорците“.
Во соработка со Националниот совет за родова рамноправност, Општината обезбедува бесплатна психосоцијална и правна поддршка за повозрасни и социјално загрозени лица.
Партнерството со граѓанските организации се протега и во културниот и младинскиот сектор. Со Сојузот на извидници активно функционира Младинскиот центар „Матично“, а во партнерство со Булфрогс балет и Центарот за современи уметности, Општината ја стави во функција бината во Паркот на Франкофонијата, која стана урбано катче за културни и забавни настани.
Во изминатите четири години, Општината поддржа повеќе од педесет граѓански организации кои реализираа проекти во образованието, детската заштита, заштитата на животната средина и младинскиот активизам.