Гаревски: За месец и пол ќе се смири тлото околу Маврово, земјотресите ќе престанат, но следуваат уште афтершокови

Од:

За месец до месец и пол тлото во регионот околу Маврово ќе се смири и повторувачките земјотреси ќе престанат, вели за „А1он“ професорот Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени (ИЗИКП). Сегашната серија земјотреси Гаревски вели дека е последица на земјотресот од пет степени според Рихтеровата скала од ноември минатата година.

„Јас сметам дека главниот потрес беше пред пет месеци, а сите што следуваа се негови афтершокови. Такви потреси многу веројатно ќе има уште месец до месец и пол, кога тлото целосно ќе се смири“, рече директорот Гаревски за „А1он“.

Од петокот, Европскиот медитерански сеизмолошки центар, во регионот околу Маврово, регистрира единаесет земјотреси

Од петокот вечерта до денес, според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, во регионот околу Маврово имало единаесет земјотреси. Од нив најсилен бил оној од петокот вечерта со магнитуда од 4,7 степени според Рихтер, а најслабиот со 2,2 степена бил вчера во 15:15 часот. Граѓаните кои ги почувствуваа земјотресите опишуваа дека се слушала силна бучава и вертикално тресење.

„Тие што слушаат силна бучава и чувствуваат вертикално тресење значи дека се блиску до епицентарот. Колку се поблиску толку е посилна бучавата. Подалеку од епицентарот не се слуша бучавата, потресот е хоризонтален и ризикот од штети е помал“, објаснува директорот Гаревски.

Тој уверува дека активноста на дебарскиот расед, каде што се сегашните земјотреси, не може да иницира раздвижување на другите раседи во Македонија оти имал помала сеизмичност отколку раседите кои се поврзуваат со Скопје, Валандово и Пехчево.

Судирањето на голмите плочи, африканската и евроазиската, ги активира и помалите плочи односно јадранската, хеленската и анатолиската поради што се чувтсвуваат земјотресите кај нас и во регинот

Гаревски вели дека сите земјотреси што се случуваат кај нас и во регионот околу нас се резултат на судирањето на африканската и евроазиската плоча, кои, пак, ги раздвижуваат трите помали плочи околу Средоземното Море, односно јадранската, хеленската и анатолиската микроплоча.

„Африканската и евроазиската плоча конвергираат по 4 – 10 милиметри годишно. Како резултат на нивната колизија се раздвижуваат и трие помали микроплочи, јадранската, хеленската и анатолиската.  Резултат на ова движење беше земјотресот во Италија од 2016 година со магнитуда од 6,6 степени според Рихтер по кој следуваше рој од земјотреси, афтершокови. Ги имаше стотици во една година. Потоа следуваше земјотресот во Драч од 2019 година со 6,4 степени според Рихтер, па оној во Хрватска од декември минатата година, како и земјотресите кај нас во регионот околу Маврово“, вели директорот Гаревски.

Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“ во саботата предупреди дека земјотресите ја заматиле водата и дека се препорачува водата да не се користи за пиење.

Серијата земјотреси викендов ги сетија жителите на Маврово, Гостивар, Тетово и Кичево. Повеќето се случија навечер, во време на полициски час кога е забрането движењето, што предизвика дополнителна паника.

Би можело да ве интересира

Земјотрес почувствуван утрово во Дојран

ВИДЕО: Снимки од силните земјотреси во Куба, паника насекаде

Предраг Петровиќ

Сеизмолошка опрерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

Силен земјотрес го погоди Чиле

Земјотрес почувствуван во Скопје и околината