Еве не, чедата на МПЦ, собрани заедно со претставници на сите цркви и верски заедници за да им кажеме ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена, за да кажеме дека ќе ги браниме нашите најмили – децата од неприфатливи и нагрдувачки нови идеологии. Собрани сме за достоинствено и радосно да го покажеме нашето прегрнување на сиот свет како Божјо творение и да кажеме дека Црквата ниту сега, ниту кога било, не протестира против некоја личност и не отфрла никого. Нејзиното постоење е непрестаен бунт, но не против човек, туку против злото, гревот и смртта во кои, за жал, запаѓа светот. Единствена цел на Црквата е да го љуби и преобразува овој свет, но непоистоветувајќи се со него, порача архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во обраќањето на сенародниот собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција што се одржува попладнево во дворот на храмот „Св. Климент Охридски“.
Како што истакна г. г. Стефан, „денес светот го окупира нова идеолошка пропаганда на која и во нашето општество и го гледаме вистинското лице. Се подметнува поимот род кој е свесно избран. Има убав контекст, но во намерите на новите теоретичари и идеолози не носи ништо добро“.
-Сосема ги разбираме загриженоста и стравот, особено на родителите за иднината на своите деца, ако тие два закона или нови слични закони станат обрзвувачка реалност. Да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и сексуализација на нашите најмлади, да престане крајно неприфатливото – да им се одзема на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство. До кога нашите деца ќе учат од учебници чии содржини се диктираат од туѓи држави и туѓи центри?, рече поглаварот на МПЦ.
Според него, секуларно општество не значи и безбожно општество.
-Немаме ништо против секуларниот менталитет, но се прашуваме дали тоа значи да се изопшти Црквата од општествениот живот? Свесни сме за намерите на организации и движења кои зајакнаа, влегоа во државните институции и пишуваат закони како двата несреќни закона – за родова еднаквост и матична евиденција, кои целат не само да ја секуларизираат црквата, туку и да ја присилат да зборува со некојси светски поредок кој им е туѓ на апостолите, светите оци и светото Евангелие. И кога најдобронамерно ќе кажеме нешто, се обидуваат да не замолчат со промена на тезите за секуларниот, световен карактер на државата, секогаш како по правило, толкувајќи ја секуларноста спротивна на Уставот во кој Црквата и останатите верски заедници имаат свое место и свои загарнтирани права, подвлече неговото блаженство г. г. Стефан.
Тој се осврна и на ставот на Црквата кон жената.
-Собрани сме тука јасно и гласно да ја кажеме вистината, наместо професионалните експерти за менување тези. Жените во Македонија верувам не сакаат лажна еднаквост и лажни права, и не сакаат да бидат ослободувани од Црквата каде ја живеат својата вистинска слобода. Црквата е преполна со смели, самостојни и реализирани жени кои доаѓаат самостојно и во неа гледаат сигурно засолништво од овој заразан бунт, нагласи г. г. Стефан.
Поглаварот на МПЦ упати апел до верниците да застанат во одбрана на семејството и да го запазат ликот Божји во човекот.
Сенародниот собир се одржува под мотото „Имаме должност“, а го организира Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). На него присуствуваат верници од Скопје, но и од други делови на државата. Собирот почна со молитвата Оче наш од страна на владиците.
Светиот архиерејски Синод на МПЦ – ОА на прес-конференцијата во вторникот упати апел за учество на собирот и потенцира дека тој не е насочен против никого, туку исклучиво против содржината на овие предлог закони.