Министрите за надворешни работи на членките на Групата седум индустриски најразвиени држави (Г-7) ја потврдија нивната заедничка посветеност на безбедноста, економското закрепнување и европската перспектива на Западен Балкан, како клучна инвестиција за мирот и стабилноста и го поддржаа понатамошниот напредок во регионалната соработка, особено преку Заедничкиот регионален пазар, Зелената агенда за Западен Балкан и Берлинскиот процес.
Во заедничката изјава, министрите го поддржаа официјалното отворање на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија и спроведувањето на реформската агенда поврзана со преговорите за пристапување во Унијата со Црна Гора и Србија, се вели во заедничкото соопштение од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Министрите ги повикаа Косово и Србија да се вклучат конструктивно во преговорите за дијалог со посредство на ЕУ и целосно да ги нормализираат своите односи преку сеопфатен и правно обврзувачки договор што придонесува за регионалната стабилност.
Во заедничката изјава министрите за надворешни работи на Г-7 остро го отфрлат секој обид за поткопување на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, посочувајќи дека неоправданите шпекулации за промена на границите по етничка линија не се решение за предизвиците во регионот и дека таквите промени би претставувале закана за безбедноста во регионот.
Министрите ги повикаа сите партии во БиХ да се согласат и спроведат изборни и ограничени уставни реформи, да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права и тесно да соработуваат со Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија за приближување на земјата на демократските аспирации.
Тие, исто така, ја поздравија кандидатурата на Кристијан Шмит за висок претставник во БиХ.
Во делот од заедничката изјава за Западен Балкан се потенцира важноста за унапредување на неопходните внатрешни реформи, особено во однос на владеењето на правото, вклучително и борбата против организираниот криминал, нелегалните финансии и корупцијата, со преземање силна акција против најдрастичните случаи.