ФЗОМ: Побрза исплата на надоместоците, без оптоварување на фирмите

Од:

Проектот „Побрза исплата на надоместоци“ е на барање на осигурениците, кои се на боледување или породилно отсуство, кои сакаат надоместокот да го добијат во исто време со платата на останатите нивни колеги. Со него ќе се овозможи навремено исплаќање на надоместокот и подобрување на правото на осигурениците.

Ова денеска го истакна директорката на Фондот Маја Парнарџиева-Змејкова отфрлајќи ги шпекулациите дека надоместокот за плата ќе биде на товар на фирмите.

– Фондот никогаш не размислувал, ниту предлагал надоместокот на плата да биде на товар на фирмите, како што некој шпекулира. Не го разбирам мотивот зошто јавноста беше дезинформирана од разни медиуми, но јасна е тенденцијата да се креира неизвесност и неоснована критика за добар проект и добри намери, рече Парнарџиева-Змејкова.

Фондот информира дека зацртал двегодишен проект за побрза исплата на надоместоците, кој треба да почне во 2016. Во изминатите два месеца биле направени компаративни анализи за исплатите на надоместоците во земјите од нашето опкружување вклучително и земјите од ЕУ.

– Словенечкото искуство го земавме со големо внимание поради големото задоволство на осигурениците, а воедно го до разработивме и прилагодивме на Македонските услови. Примерот на Словенија е исплатата на надоместоците привремено да ги исплаќа фирмата, а во краток рок ФЗО да ги надомести до фирмата во целост, појасни Парнарџиева – Змејкова.

Анализите покажале дека некои од причините за ненавремена исплата на надоместокот се кај фирмите поради ненавремените поднесоци од нивна страна и грешките на пресметките, што понатаму прави застој и доцнење на исплатите од страна на ФЗО. Претставници од Фондот имале дебата со фирмите преку Сојузот на стопански комори, Стопанска комора на Македонија и Организација на работодавачи, од каде произлегле добри и конструктивни предлози, за да се подобри проектот.

Според Парнарџиева – Змејкова во владина процедура се три варијанти за реализација за проектот „Побрза исплата на надоместоците“, меѓу кои словенечкиот модел, модифициран согласно нашите состојби и административно и законско решение со кое не се менува системот на исплати, туку се забрзува исплатата.

Во моментот, нагласи директорката, нема никакви законски измени, единствено како новина која треба да почне од 1 јануари идната година и е вклучена во трите варијанти е породилното боледување да го отвора здравствената установа.

– Покрај поднесокот за надоместокот на плата кој може да го поднесе, фирмата или осигуреникот, ќе овозможиме отворањето породилно отсуство да го спроведе здравствена установа. Тоа значи дека по породувањето болницата или матичниот гинеколог ќе пријави по службена должност отворање на породилно отсуство кое Фондот веднаш ќе го процесира и ќе почне со исплата, без други документи. Ова е единствената новина за која сакаме да ја информираме јавноста, а е во финална фаза на реализација. За избраната варијанта за целосна реализација на овој проект дополнително ќе ја информираме јавноста кога ќе заврши владината процедура, рече Парнарџиева – Змејкова.

Таа изрази жалење што, како што рече, добар проект за жените и болните, за побрзо да ги добијат парите кога навистина им се потребни за лекови, терапија, нега за бебе, некои без грам одговорност, од чисто политички и манипулативни мотиви, си дозволиле да го испревртат и злоупотребат за непотребно да ја вознемират јавноста.

Би можело да ве интересира

Андоновски: Неделава ќе ја почнеме иницијативата за законските измени на ФЗОР случајот со Леонид не е единствен

Случајот со Леонид ги откри сите слабости на Фондот: Се кратат пари за лекување и за операции на срце во приватните клиники

A1on

Се прекинува штрајкот во ФЗОМ – платите исти до мај

Да не се лаже дека Фондот за здравство нема пари, тоа е институција со најголем буџет порачуваат синдикалците

Катерина Ѓуровски

Меџити: ФЗОМ побара 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа за следната година

За Ковачевски, директорката на ФЗО била добар избор затоа што решила хакерски напад за само 14 дена

A1on