„Фондот за здравствено осигурување уште еднаш изразува најдлабоко сочуство за трагично изгубениот млад живот.
ФЗО сака да укаже дека во конкретниот случај на Ева, одлуката за лекување во странство ја донесе лекарската комисија врз основа на добиените медицински податоци и конзилијарното мислење, како и врз основа на добиените понуди од странските болници.
Потенцираме дека Фондот побара понуди од 22 странски болници, меѓу кои беа и болниците од Гисен и Дизелдорф. Понуди по барањето се добиени од Медикал Парк Истанбул, Турција, Газиосман Паша Истанбул, Турција и Бамбино Гесу Рим, Италија. Имајќи ја предвид итноста на случајот и согласно добиените понуди, комисијата одлучила соодветно во рок од 48 часа.
Сакаме да нагласиме дека понуди од болниците во Гисен и Дизелдорф не се добиени ниту презентирани во Фондот од страна на барателот. Понудата од болницата во Дизелдорф која е презентирана во јавноста, воопшто не била ниту доставена ниту презентирана во Фондот. Дополнително, писмото од болницата во Гисен до семејството на Ева е само информативно електронско писмо, кое нема конкретни елементи на понуда. Комисијата не можела да земе предвид при одлучувањето за избор на лекувањето, понуда која не е презентирана.
Фондот ја разбира желбата на родителот како и на сите родители за лекување на нивните деца каде што тие сметаат дека е најдобро, но Фондот работи во рамките на законските прописи и процедури кои ги вклучуваат двете лекарски комисии (првостепена и второстепена) составени од 14 еминентни медицински стручњаци, чија задача е да ја изберат најсоодветната понуда за секој барател кој бара лекување во странство, базирано на здравствената состојба како и на критериуми на солидарност и правичност за сите осигурени лица подеднакво.
Фондот сака да укаже дека за жал, лекувањето во странство не секогаш е гаранција за успешност и излекување.
Во последните 12 месеци непосакуван крај на лекување имало и во други европски земји каде биле испратени осигурениците на лекување меѓу кои и Германија и Италија“, се вели во соопштението на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.