Фондот за здравствено осигурување на Македонија соопшти дека во најбрз можен рок ќе се одржи средба на нивниот менаџмент со претставници на Здружението на приватни гинеколози на Република Македонија (ЗПГАМ).
– Сите одлуки кои ќе бидат заеднички донесени ќе бидат навремено соопштени. Матичните гинеколози се најскапо платените специјалисти во Република Македонија, со просечна месечна исплата од 169.000 денари по тим. Колку за споредба, тоа е повеќе од 55.500 денари отколку што Фондот исплаќа на општ матичен лекар, стои во соопштението од ФЗОМ во врска со, како што наведуваат, барањата на Здружението на приватни гинеколози.
Од ФЗОМ наведуваат дека матичните гинеколози се важна карика во здравствениот систем, бидејќи се грижат за репродуктивното здравје на жените, а водено се во помал број од предвидениот во Република Македонија.
– Фондот го препознава овој факт и поради истото континуирано одржува редовни средби со Здружението на приватни гинеколози на РМ. Точно е дека пред два месеци беше последната средба, на која Здружението презентираше неколку барања, пред се од финансиски аспект. Фондот секогаш ги носи своите одлуки во интерес на своите осигуренички, а пред се, во насока на обезбедување квалитетна и навремена задравствена заштита, па така и овојпат, партнерски ги разгледува можностите за изедначување на капитацискиот бод за матичните гинеколози со другите матични лекари. Но, ова предвидува нови финансиски средства, стои во соопштението.