Фрчкоски: Важно е што во извештаите на ОН постои македонско малцинство во Бугарија

Од:

Амбасадорот на Северна Македонија во Обединетите нации во Њујорк Љубомир Фрчкоски, вели дека е важно што во извештаите на ОН постои македонско малцинство во Бугарија и оти бугарската позиција во однос на ова прашање нема влијание.

Според Фрчкоски, тоа е прашање на факти, а не на политички изјави, дали постои или не одредено малцинство.

– Тоа е прашање на факти кои се утврдуваат со меѓународни извештаи и фактографско пишување на меѓународни организации. А фактите се дека дел од извештатите на ОН евидентираат оти ова малцинство постои, дел од извештаите на Стејт департментот, дел од извештаите на групите за права на малцинствата и сите извештаи од Европската Унија. Тоа е прво, и второ се пресудите на Судот во Стразбур, изјави Фрчкоски за Гласот на Америка на македонски јазик.

На прашањето дали како амбасадор во ОН ќе покрене иницијатива за осуда на Бугарија за непочитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права да дозволи регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство, Фрчкоски наведува дека „такви резолуции околу мацинските права не се дојдени сега на третиот комитет, но кога ќе дојдат ние ќе имаме јасен став околу постоењето на тие малцинства и почитувањето на нивните права, со една посебна тежина како земја која тоа го прави во својата држава“.

– Во таа смисла, кога ќе дојде моментот и местото за тоа, ние ќе бидеме навистина за правата на малцинствата и посебно за нашето во соседните земји, вели Фрчкоски.

Според мего, главната линија за признавање на малцинствата и борбата за нивните права оди преку стандардите на ЕУ и пресудите на Стразбур, оти постапката во ОН е „многу подолга, многу покомплицирана и многу поблага во однос на резултатот“.

Но, битно е, вели тој, што во ОН се регистрирани поплаки во однос на правата на македонското малцинство во Бугарија.

– Ние сме на страната на земјите кои ги почитуваат стандардите, кои успеале да направат дури неверојатни договори кај идентитетските прашања. Од таа страна и од таа позиција нашиот збор тежи, нашите збор и влијание имаат сосема друга улога отколку како земја која не коже да си ги реши проблемите. Она што мислиме да го направиме е да одржиме едно ниво на присутност и јасност кое историски дефинитивно има право и на краток рок да ја освои својата вистина. Конечно да победи, рече Фрчкоски.

Во август минатата година, Канцеларијата за човекови права на ОН, за Гласот на Америка на македонски, соопшти дека согласно извештај што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, Владата на Бугарија треба да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.

– Извештајот ја повикува бугарската Влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките кои се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, согласно меѓународниот закон за човекови права, истакнаа тогаш Канцеларијата за човекови права на ОН.

Овој извештај забележа дека Владата на Бугарија „негира постоење на етничко македонското малцинство“, тврдејќи дека припадниците на оваа заедница се всушност етнички Бугари.

Во него се вели и дека „македонскиот јазик не се признава ниту се учи во училиштата и Македонците не се застапени во Националниот совет за соработка на етничките и интегративните прашања“.

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека правата на малцинствата се заштитени со различни договори за човекови права, вклучително и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, а како потписник на двата договора, Бугарија има обврска да ги почитува обврските кои произлегуваат од нив.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур на крајот на јануари, пак, соопшти дека во текот на 2022 година донел 27 пресуди за Бугарија, а во 25 од нив било утврдено прекршување на човековите права.

Фото: ВОА

Би можело да ве интересира

Желјасков: Веруваме дека ќе ги донесете уставните измени и уште оваа година ќе се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ

Состанок на експертските работни групи на МНР на Македонија и на Бугарија

Гир: Не треба да се очекуваат нови договори, македонскиот јазик е веќе во Преговарачката рамка

Ана Ололовска

(ВИДЕО) „300.000 Македонци не се во вашиот Устав, во 21 век не признавате народ“: Лекција од историчарот Светозаревиќ за бугарски новинари во Пустец

Орце Костов

Жељазков: За Бугарија е важен условот „поставен од Европската комисија“ за уставни измени

Ана Ололовска

Претседателот Румен Радев врачи бугарски лични документи на Љубчо Георгиевски и Благој Шаторов

Ана Ололовска