Денеска во 6 часот наутро стапија на сила измените во режимот на сообраќајот во Штип. Со новото решение за најмала дозволена брзина, на целата на територија на град Штип наместо досегашната предвидена најмала дозволена брзина од 40км/ч, се воведе минимална дозволена брзина од 50км/ч.
Причината за ваквата измена локалната самоуправа и СВР-Штип ја оправдуваат со фактот дека ограничувањето на брзината од 40 км/ч во Штип била воведено многу одамна, кога во градот не постоеле сообраќајни услови како денес, односно не биле изградени булеварски решенија или биле делумно изградени, а не функционирал ниту еднонасочниот тек на сообраќајот. Од локалната самоуправа тврдат дека со зголемувањето на брзината ќе се овозможи зголемување на динамиката, а притоа, нема да биде доведена во прашање безбедноста на учесниците во сообраќајот.
[nggallery id=174]
Решението за промена во режимот на сообраќајот на дел од улиците во Штип се однесува на воведување двонасочен режим на движење од спојот кај улицата „Трст“ и „Христијан Карпош“ до спојот кај градинката „Вера Циривири – Трена“, а двонасочно од денес се вози и преку мостот кај Економски факултет, па сè до раскрсницата меѓу улиците „Генерал Михајло Апостолски“, „Суитлак“, „Тодор Коларов“ и „Каваклија“.
Причината за ваквото решение е што, откако во Штип беше воведе еднонасочниот режим на сообраќај, се добија поголем број места за паркирање, но се зголеми и протокот на возила во централното градско подрачје , а со тоа дојде и до застој во протокот на сообраќајот на одредени делници, какви што се мостот кај судот и Трговскиот центар.
Со новите измени во режимот на сообраќај, од Општината се надеваат дека за речиси 30% ќе биде растоварен сообраќајот во централното градско подрачје, но и на граѓаните од Штип што живеат во близина на училиштето „Гоце Делчев“ и во населбата Леваци ќе им се олесни пристапот до Клиничката болница.