ФОТО: Делегации на Владата учествуваа во свеченостите на прославата на 2 Август

Од:

Во рамките на програмски активности по повод одбележувањето на државниот празник Ден на Републиката, 2 Август, Илинден – делегации на Владата на Република Македонија зедоа учество во свеченостите на прославата на празникот.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и делегација на Владата во која беа Заменикот претседател на Владата и Министер за внатрешни работи, господин Оливер Спасовски, Министерот за надворешни работи, господинот Никола Димитров, Министерката за правда, госпоѓа Рената Дескоска, и Министерот за култура, господинот Асаф Адеми, денеска присуствуваа на свеченоста по повод државниот празник – Денот на Републиката – 2 Август, Илинден, што се одржа во Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце.

Во свечените активности во Скопје, во рамките на кои свое обраќање имаше Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, владината делегација ја сочинуваа Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика,
Драган Тевдоски, министер за финансии, и Едмонд Адеми, министер без ресор, задолжен за дијаспората.

На одбележувањето на државниот празник Ден на Републиката, 2 Август, Илинден, во Крушево, каде што на централната свеченост се обрати Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, делегација на Владата на Република Македонија беше во состав Кочо Анѓушев, Заменик претседател во Владата на РМ, задолжен за економските ресори, Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, и Венко Филипче, министер за здравство.

Владина делегација предводена од Зоран Шапуриќ, министер без ресор, заедно со Дејан Павлески, заменик министер за локална самоуправа, и Гоце Чакароски, национален координатор за здравство, учествуваше на свеченостите во Смилево.

Премиерот Заев, во рамките на свечената програма со која се одбележуваат 74 години од одржувањето на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, и 115 години од Илинденското востание вол Крушево, во своето обраќање во Меморијалниот Центар АСНОМ, нагласи дека денешниот ден е еден од низата големи историски датуми и процеси кои што го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремеж на граѓаните, на народите на Република Македонија – да создадат сопствена држава.

„Во нашите гени, ние сите ги носиме кодовите на нашите претходници. Во тие кодови ги носиме збрани вредностите на кои се повикуваме, и на кои ја градиме иднината. Тој континуитет на вредности е карактеристика на модерните европски држави“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев во своето обраќање рече дека денеска, кога со сета почит и достојно се сеќаваме на државотворните настани на двата Илиндена во 1903, и во 1944, неминовно е да се соочиме со фактот дека треба да ја прифатиме државотворната агенда на концептот кој силно повикува да ја градиме Македонија како граѓанска држава, која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Едно општество за сите!

„Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и сите други граѓани кои живеат во оваа земја, знаат и сакаат да ги почитуваат градителите на нивната татковина. Сите се заложуваме за суштински промени во корист на секој граѓанин“, потенцираше премиерот Заев.

Тој се осврна на изминатиот период и потсети дека за само една година се соочивме со сите препреки на патот кон Евро-атлантските интеграции и дека за нив се понудени решенија.

„Со игнорирање не може да се реши ниту еден проблем. Решавањето на тие препреки бараше храброст, иста како и храброста на нашите револуционери, а тие храбри одлуки не беа нималку лесни.Бевме предолго надвор од современите текови. Дел од причините беа објективни, но дел од проблемите некој ги создаваше и од внатре. За само една година Република Македонија направи коперникански пресврт“, истакна Претседателот на Владата Заев, и додаде:

„Мораме да гледаме напред. Времето пред нас умно, храбро и посветено да го искористиме. Нема да добиваме секогаш шанси за ја воздигнеме нашата Македонија како еднаква помеѓу другите европски држави и затоа сме согласни дека сега е шансата да го земеме нашето заслужено место во Евро-Атлантското семејство на народи“.

Премиерот Заев во своето обраќање посебно се задржа на неопходното заедништво кое како наследство ни е оставено во Крушевскиот манифест, во кој се повикуваат комшиите и пријателите без разлика на пол, вера, убедување и народност, во желба за подобар живот е света водилка по која се водиме до денешен ден.

„Една од најтешките глетки е да си го гледаш народот поделен. Затоа да ги запреме поделбите. Да се обединиме внатре, да се обединиме со соседите, да се обединиме и со европското семејство. Да се обединиме со сите кои живеат и се вложуваат денес, за сите да имаме утре. Да си живееме убаво“, рече премиерот Заев и дополни:

„Порачуваме – Илинден и АСНОМ се за заедништво, а не за поделби! Нам, на граѓаните ни е доста од делби. Време е за храброст, не за делби. Храбри сме и знаеме, дека во секој граѓанин на Македонија има по еден партизан и по еден комита! Заедно ја напишавме нашата историја! Заедно ќе ја градиме нашата вековна иднина!“

Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање стави нагласен акцент на Договорот со Република Грција, како на договорот за македонската иднина, и како договор со кој што е постигната најдобра и фер шанса за граѓаните на Македонија.

Премиерот Заев нагласи дека договорот е влог во македонската иднина, кој го расчисти патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ.

„Стануваме член на семејствата на НАТО и ЕУ нациите кои уживаат силен економски развој.
Со Договорот носиме подобар живот за сите граѓани и го чуваме богатото историско и културно наследство кое ја има направено нашата македонска нација славна. Кога ќе стоиме пред јарболот на кое ќе се издига македонското знаме – ќе стоиме гордо. Зашто со договорот химната, грбот
и знамето остануваат засекогаш.

Договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет, и гo гарантира правото да се определуваме како Македонци. Овој договор го ЗАШТИТИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК!“, потенцираше премиерот Заев, и додаде дека покрај потврдата за македонскиот јазик, договорот го потврдува државјанството како македонско, сега и во иднина, засекогаш“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев, истакна дека договорот го обезбеди и македонско-грчко пријателство и соработка, и донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу двете земји, за иницијативи за подобар животот за граѓаните на двете земји.

Во завршницата на своето обраќање на свеченоста во Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се осврна на претстојниот референдум и нагласи дека историјата ги памети тие што се издигнуваат, преземаат, му даваат сила на својот глас, и излегуваат да донесат одлука. Тие пишуваат историја, историјата ги запишува нив.

„Дајте од таа точка, од референдумот натаму, иднината на нашата земја и иднината на Европската Унија да тргнат во една заедничка линија. Јас сум апсолутно уверен дека вашиот избор ќе дојде од препознавањето на местото на нашата Ве повикувам сите вас да кажете со гордост ДА за да ги зграбиме можностите кои ни ги нуди Европската Унија, да кажеме ДА за гарантирана стабилност и безбедност преку членството во НАТО, да кажеме ДА за признаен и потврден национален македонски идентитет, јазик и култура.

За нас, за нашите идни генерации, за нашата иднина.

За иднината на Република Македонија!“, нагласи во своето обраќање на свечената програма за Денот на Републиката, со која се одбележуваа 74 години од одржувањето на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, и 115 години од Илинденското востание во Крушево, во Меморијалниот Центар АСНОМ, во Пелинце.

Би можело да ве интересира

„Борбата трае“ ќе биде мотото на државната прослава на 2 Август

Сиљановска Давкова во Пелинце ќе го одбележи Илинден, Мицкоски во Крушево, Гаши во Скопје

Денот на Републиката 2 Август неработен за сите граѓани

Горан Наумовски

2.Aвгуст е неработен ден за сите граѓани на Македонија

САД го честитаа празникот Илинден

Ана Ололовска

Реафирмирани вредностите на двата Илиндена, одбележувањето без масовни собири

Ана Ололовска