Фондот за здравствено осигурување на 14 мај испратил допис до матичните лекари со кој ги известува дека во нивните ординации мора да имаат парацетамол во доза од 1000 милиграми.
Дополнувањето на списокот со задолжителна ампуларна терапија, според Фондот, е во согласност со „Правилникот за начинот на плаќање здравствени услуги во примарна здравствена заштита“, кој се дополнува со антипиретик во ампуларна форма Paracetamol 1000 mg/6,7 ml.
Овој лек во пропишаната доза од Фондот, во Македонија го увезува само веледрогеријата „Марти-Алко ДОО“ под името „апотел“. Производител на оваа ампула е грчка фирма, а во едно пакување има 3 ампули. Oд веледрогеријата не беа достапни за коментар.
„Макфакс“ испрати прашање, но не доби одговори од Фондот од каде потребата за проширување на задолжителаната ампуларна терапија и зошто токму таа доза е пропишана како задолжителна, кога има уште една регистрирана во Регистарот на лекови, но со друга дозна јачина.
Од Фондот не одговорија врз основа на кои медицински созанија, анализи односно медицина базирана на докази, е утврдена потребата од дополнување на списокот задолжителна со ваква ампуларна терапија.
Во известувањето на ФЗО до лекарите само пишува дека потребата од дополнување на ампуларната задолжителна терапија е по нечие барање. Но, нема одговор чие е барањето и кој го поднел.
Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружение на приватни лекари на РМ, за „Макфакс“ изјави дека не биле консултирани за оваа промена на задолжителната терапија по приватните ординации кои соработуваат со Фондот, како што тоа било порано. Чолакова извести дека за ова расправала и Лекарската комора.
Таа објасни дека овој лек се пушта венски во инфузија и е хепапатотоксичен и нефротоксичен. „Чудно е што прво меилот го добивме од фармацевтската компанија“, вели Чолакова.
„Никогаш не се чуло да се менува ампуларна терапија без анекс на договорот и без преговори“, дополни претседателката на ЗПЛРМ. Таа додава дека во ниедна медицина базирана на докази не пишува дека матичниот лекар треба да пушта антипиретици за снижување температура. Вели, важно е да се рехидрира телото, да се тушира, да се пијат течности, можеби со аналгин, а последна опција е ваков антипиретик. „Никогаш не препорачуваме веднаш да се вклучи лекот. Ампулите не се бонбони“, раскажува Чолакова Дервишова.
За ова е известена и Лекарската комора, а според Чолакова лекот го нема во ниту болниците низ Македонија, па прашува зошто тоа би го имале само приватните лекари. Од ФЗОМ не одговорија на ниедно од прашањата на „Макфакс“.