Фирмата „Декодикс“, поврзана со Цветанка Ласкова, советничка за култура на премиерот, целосно ја повлекла апликацијата за грант од Фондот за иновации. „Декодикс“, каде што како еден од сопствениците во моментот на аплицирање стоеше Христина Керкез, снаа на советничката Ласкова, доби грант од 19.954.200 денари или речиси 320.000 евра. Таа се иззема од сопствеништвото, но и покрај тоа, компанијата го повлекла барањето.
Грантот им беше одобрен лани на крајот на јули, а по негативните реакции во јавноста, од сите апликанти, Фондот за иновации побара изјави за поврзаност со јавни функционери. Поврзаност со функционери пријавија „Декодикс“ и уште три компании и поради тоа, исплатата на грантовите за нив воопшто не почна.
„Компанијата ‘Декодикс’ ја повлече апликацијата, не е повеќе на листата на оние што добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој. Со оваа компанија не беше потпишан договор поради изјавата за поврзаност со лица носители на јавни функции. Договорите не се потпишани ниту со другите три компании што пријавија поврзаност со функционери. Нивните апликации на наша иницијатива ги испративме на одлучување во Државната комисија за спречување корупција. Сега од нивната одлука ќе зависи дали ќе ги потпишеме договорите“, изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации за „А1 он“.
Другите три компании, кои сè уште се надеваат на грант од Фондот за иновации, се „Микросам“, на поранешниот министер без ресор, Веле Самак, на која ѝ е одобрен грант од 19.925.97 денари, „Контура“ на Елена Донева, поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев, со одобрени 3.638.655 денари, и „Т-сенс“ поврзана со министерот за култура во оставка, Асаф Адеми, на која ѝ се одобрени 4.113.041 денар.
Заедно со изјавата за поврзаност со министерот Адеми, компанијата „Т-сенс“ доставила до Фондот и известување дека Мерита Адеми, сопруга на министерот, почнала постапка за изземање од сопственичката структура, а од сопствеништво во октомври лани се иззема и Христина Керкез, снаата на Ласкова, која повеќе не е меѓу сопствениците на „Декодикс“.
Од „Декодикс“ не се достапни за објаснување зошто и покрај изземањето на Керкез, одлучиле да се повлечат. „Декодикс“ е микропретпријатие со дејност истражување и експериментален развој во биотехнологијата, а грантот им беше одобрен за проектот со наслов „Декодирај – ме“.
За четирите компании поврзани со јавни функционери „Транспаренси интернешнл – Македонија“ направи процена на ризик и кај сите утврди дека постои среден ризик од влијание на функционерот. Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции за четирите компании ја потврдил оценката за ризик на „Транспаренси“.
Маја Илиевска-Пачемска