Филипче со двоен аршин: молчи за преку ред вакцинираниот информатичар од Скопје, а секретарот од Охрид експресно го разреши

Од:

Министерот за здравство Венко Филипче два дена не одговара на прашањата како информатичарот од Градската општа болница „8 Септември“ се нашол на списокот за приоритетно вакцинирање и ја примил вакцината додека сестри и лекари од ковид – одделите во истата болница се уште чекаат ред за вакцинирање. „А1он“ во вторникот објави дека вработен во секторот за информатичка технологија во болницата „8 Септември“ преку ред ја примил вакцината.

Место одговори на прашањата за вакцинирањето на информатичарот, денес од Министерството за здравство испратија објаснување за начинот на кој здравствените работници се пријавуваат за вакцинирање, кое не им беше побарано. Изостана и одговор на прашањето за начинот на кој се врши селекцијата кој од пријавените здравствени работници во кој момент ќе биде повикан за вакцина.

„Списоците од ковид центрите ги изработуваат директорите на болниците. На списокот доставен од ГОБ ’8 Септември’, е персоналот кој работи во ковид центарот. Националниот комитет за имунизација и националниот систем МојТермин ги изработуваат листите за вакцинација, држејќи се до Националната стратегија. Секој здравствен работник кој изразил желба за вакцинација ќе се вакцинира согласно приоритетните групи поделени во 3 фази. До овој момент се вакцинирани над 1700 здравствени работници“, објаснуваат од Министерството за здравство.

На конкретното прашање зошто и во случајот на информатичарот од Скопје не постапат на ист начин како со секретарот од Охридската болница, не дадоа одговор.

За вакцинираниот секретар во Охридската болница и директорот на болницата и Министерството за здравство имаа експресна реакција. Само еден ден откако беше објавено дека секретарот се вакцинирал преку ред, Министерството за здравство преку соопштение извести дека тој ќе биде разрешен и суспендиран.

Информатичарот постојано ги сервисирал компјутерите во ковид – центарот кои се неопходни за пациентите, вели директорот Христијан Костов

Директорот на болницата „8 Септември“, Христијан Костов, место конкретен одговор на прашањето како информатичарот се нашол на списокот пред сестрите и лекарите од ковид одделенијата, ни испрати текст објавен во друг медиум во кој објаснува дека во првата група за вакцинирање е дозволено да има и немедицински лица, а информатичарот постојано ги сервисирал компјутерите во ковид – центарот кои се неопходни за пациентите. Тој објаснува и дека пополнетите анкетни листови од здравствените работници во кои се изјаснуваат за вакцината ги испратиле во Министерството за здравство и дека од таму одлучуваат кој од пријавените кога ќе се вакцинира.

Вакцинираниот информатичар преку ред, за „А1он“ рече дека нема коментар и посочи одговори на прашањата за неговото вакцинирање да побараме од болницата.

За разлика од него, секретарот во Охридската болница за „А1он“ изјави дека сакал како, како раководство, да даде пример на останатите оти имало сестри и лекари кои не сакале да се вакцинираат, а директорот на болницата, пак, во одбрана на вакцинирањето на секретарот рече дека тој, иако не е медицинско лице, постојано помагал за пациентите заболени од Ковид – 19 и често им носел боци со кислород.

Во Националниот план за Ковид – 19 имунизација стои дека во првата фаза право на вакцина ќе имаат здравствените работници во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција, а како суб- приоретна група на прво место се ставени здравствените работници во ковид центрите.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска