Министерот за здравство Венко Филипче минатата недела добил известување дека лекарка без лиценца направила царски рез во битолската болница, но и покрај известувањето тој не побарал Државниот санитарен и здравствен инспекторат да направи увид, оти, како што вели, други институции веќе постапувале.
Тој вчера одговарајќи на новинарско прашање рече дека знаел за случајот од минатата недела, кога го известила директорката на болницата. „А1он“ побара објаснување од него зошто не го пријавил случајот во Државниот санитарен и здравствен инспекторат и зошто не иницирал надзор веднаш штом го известиле, како што вообичаено постапува во вакви случаи.
„Овој случај од почетокот беше под институционален надзор. Прво на полицијата, а сега веќе надлежностите за него ги има Обвинителството. Министерството за здравство ги очекува извештаите од надлежните институции за случувањата во Клиничката болница во Битола. По извршените надзори доколку се утврди одговорност, ќе следуваат соодветни санкции“, изјавија од Министерството за здравство.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат денес извести дека на болницата во Битола ќе и биде дадена забрана странци без лиценца да прават операции и да даваат помош на пациентите, а при вчерашниот увид утврдиле дека директорката веќе суспендирала двајца лекари од одделот гинекологија, дисциплински постапки се повела за деветмина вработени во истиот оддел.
Инспекторатот соопшти дека информација за констатираните наоди од вонредниот надзор му се испратени на министерот за здравство, а извештај со документација во прилог за понатамошно постапување доставиле и до Обвинителството.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат вонредниот надзор во болницата во Битола го направи вчера, откако случајот се појави во медиумите.
Основното јавно обвинителство Битола, пак, вчера, додека траеше вонредниот надзор во болницата, соопшти дека за овој случај ќе оформи предмет по добиена анонимна пријава од 12 јануари годинава.
Случајот излезе во јавност завчера, кога МВР извести дека се поднесени кривични пријави против тројца доктори од кои двајца вработени во битолската болница и уште една лекарка од Белград, Србија која без лиценца за работа и покрај тоа што не е вработена во битолската болница, на први јануари годинава направила царски рез. Лекарката од Србија која го направила нелегалниот царски рез е сопруга на еден од двајцата доктори вработени во битолската болница. Нејзиниот сопруг по операцијата од оперативниот дневник ги отстранил страниците на кои лекарката ги запишала интервенциите и место нејзиното име го внел неговото и името на неговиот колега, кој исто така доби кривична пријава.