Вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи е децидна дека не го прекршила Етичкиот кодекс на обвинителите, ниту закони, со нејзиното патување во Палермо, Италија. За тоа зошто уплатата кон туристичката агенција за сместувањето е направена вчера, односно пет дена по патувањето, Фетаи за „А1он“ посочи дека истото е во рамки на рокот даден во фактурата. Мометално, Фетаи е во Португалија. И сега ќе ја бодри македонската репрезентација, а од Обвинителството за „А1он“ посочија дека таа побарала и добила користење на одмор.
„Уплатниците кои ги приложив во текот на вчерашниот ден се за уплати по претходно издадени фактури и уптатите се извршени во рамки на рокот даден во фактурите. Впрочем, за разлика од другите функционери (судии, претседатели на судови, сегашни и поранешни функционери, роднини на функционери) кои патувале порано на вакви натпревари, а кои патуваа и за Палермо, доставив доказ за уплата. Како што се изјаснив и вчера, дополнителни податоци, прашања, појаснувања, ќе дадам доколку некоја од државните институции го смета тоа за потребно, бидејќи има соодветни процедури, кои секако не се водат во посредство на медиумите, туку со непосредна лична или писмена комуникација, а преку нив се одлучува за евентуални прекршувања на закони, кодекси или слично, кои во случајов ги нема“, посочи Фетаи за „А1он“.
За нејзиното навивање од ВИП трибината заедно со министерот Тупанчески, Фетаи за „А1он“ посочува: „На трибини навивам од срце, без оглед дали ќе бидам во ВИП или обичниот дел, а сум била и ќе бидам и во двата дела“. ПС. Во 90-те минути се навива и со оние кои седат до вас, единствено за што може да се зборува за посед на топка, борбеност на играчите, се коментираат фаули, а не за работа“.
Обвинителката и вечерва ќе ја бодри Македонија. Таа смета дека изминатите денови требало максимално медиумскиот простор да биде отстапен за фудбалерите и историската победа над Италија.
„Уште еднаш им посакувам многу среќа за денешниот натпревар со Португалија, на оние што во моментот ја испишуваат ‘Најдобрата приказна за Македонија’, а тоа се избраниците на Милевски“, додава Фетаи.
Во текот на вчерашниот ден, Фетаи достави уплатница за платен аранжман за Палермо, Италија од која се гледа дека од нејзина трансакциска сметка го платила сместувањето. Чартер летот го организираше и плати Фудбалската репрезентација на Македонија. Неофицијалните информации говорат дека и картите за на трибините биле гратис за Фетаи, министерот за правда Тупанчески и судскиот преседател Лазар Нанев.