Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски доцнеше 20 минути на судењето. Тој дојде откако влегоа сите обвинети во судницата и обвинителите на СЈО.
Тројцата обвинети Даниел Трифуновски, Дарко Стојчевски и Трајче Петковски побараа да се одложи рочиштето, бидејќи не им бил тука бранителот. Адвокатот Дончо Наков е во Кина за што го известил судот.
„Груевски доцнеше 19 минути и 35 секунди на судењето, а Даниел Трифуновски 17 минути. Барам обвинетите да го почитуваат судот и обвинетите и за следното рочиште, доколку кој било задоцни, да бидат преземени сите процесни мерки. Судењата се познати однапред“, рече обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи.
СЈО се согласи да биде одложена денешната главна расправа.
„Прв и последен пат СЈО ќе прифати одложување на главна расправа поради отсуство на бранител“, рече Фетаи пред судијката Татјана Михајлова.
Следното рочиште е закажано за 7 декември.
Во случајот „Насилство“ се обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште 10 лица за насилство пред Општина Центар во 2013 година. На претходното судење судијката одлучи да се раздвои постапката за обвинетиот Димче Крстев, кој беше донесен во судот со полиција бидејќи, како што рече, немал адвокат, а се пожали и на здравствени проблеми.
В.М.