Издавачката куќа „Феникс“ објави Антологија на драмски текстови за деца и млади, која содржи 13 нови и необјавени пиеси. Застапени се авторите Киро Донев, Трајче Кацаров, Љубинка Донева, Љубомир Грбевски и Билјана Станковска, по избор на доц.д-р Христо Петрески, кој е и автор на предговорот.
– Основна идеја на овој проект е развој на театарот за деца и млади, препорачување за изведување и понатамошна афирмација на необјавените и неизведуваните драмски текстови од малубројните, но активни и вредни македонски автори кои се занимаваат со оваа проблематика и чии ракописи често собираат прашина во нивните фиоки, а театарските куќи пак, се жалат дека немаат добри текстови за деца и млади. И покрај (у)верувањето дека најчесто е така, факт е дека домашните драмски автори се потценети, запоставени, па и заборавени, односно театрите не сметаат и ретко работат со нив, пишува во предговорот на Антологијата.
Приредувачот посочува дека при создавањето на драмските текстови за деца и млади акцент треба да се стави врз иновативноста на планот на содржината и формата, релевантноста и актуелноста на темите и мотивите, на универзалните и коспомолитските вредности, на комуникацијата и интерактивноста со младите гледачи… а покрај кратките драмски форми: едночинки, скечеви, сценски игри, драмолетки, монодрами…, пожелно е да се создаваат и играат и развиени, осмислени и привлечни, остварени и заокружени, вистински драмски текстови и театарски претстави за деца и млади.