ЕУ е „фрустрирана“ поради бугарската блокада која ја кочи и Албанија

Од:

Висок дипломатски извор на ЕУ, кој ги брифираше дописниците во Брисел утрово, порача дека бугарската блокада поради билатерален спор со Северна Македонија ја фрустрира цела Европска Унија, јави дописничката на МИА од Брисел.

И покрај сите дипломатски обиди, Бугарија не попушта за непринципиелното вето што и го поставува на Северна Македонија за билатерални спорови, поради што целата дискусија за проширувањето на ЕУ кон западен Балкан е отстранета од дневниот ред на министрите за европски работи утре во Брисел. Ова ја вклучува и Албанија која се надеваше на некаков напредок во однос на својата преговарачка рамка со ЕУ.

-Германското претседателство е фрустрирано што не беше возможно да се постигне прогрес за преговарачката рамка со Северна Македонија, направивме сѐ што можевме вклучително и олеснување на компромис помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Не сме задоволни што Бугарија ги блокира пристапните преговори поради билатерални прашања со Северна Македонија, поради ова земјите членки сметаат дека не може да се напредува ниту со Албанија, изјави висок дипломатски извор на ЕУ пред утрешниот министерски состанок.

Според дипломатите „нема светло на крајот од тунелот“ во однос на деблокирањето на преговорите со Северна Македонија, бидејќи Бугарија не попушта за билатералниот спор, со што се создаде целосна блокада во Советот во однос на проширувањето.

Дипломатите во ЕУ не очекуваат напредок до крајот на германското претседателство, а лидерите на ЕУ в четврток и петок во Брисел „нема да имаат време да се занимаваат со проширувањето“ бидејќи агендата е „веќе преполна“.

До крајот на оваа година ЕУ треба да изнајде решение за трговското партнерство помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство, преговори кои се засега блокирани. А блокада има и во делот на преговорите за буџетот на ЕУ и фондот за закрепнување поради Унгарија која не прифаќа механизам за надзор на владеењето на правото.

Проширувањето можеше да биде „успехот“ на германското претседателство во оваа кризна година за ЕУ, но поради Бугарија, Берлин најверојатно ниту ова нема да може да го приложи како постигнување, коментираат дипломатите во Брисел.

Би можело да ве интересира

Брисел и Атина против турско-либискиот договор

Грушко: Антирускиот став на ЕУ го исклучува Брисел од преговорите за европската безбедност

Кушнер: Европа води посредничка војна против Русија

IISS предупредува: Расте ризикот од руски саботажи во Европа, следниот напад може да има многу жртви

Пирц-Мусар: Проширувањето на ЕУ сѐ уште се одвива пребавно, Словенија поддржува гласање со квалификувано мнозинство

Албанија влегува во ЕУ до 2030 година? Договорот за пристапување би можел да биде потпишан во 2028 година