ЕЛЕМ не ја дава систематизацијата која треба да покаже дали компанијата имала објавено наместен оглас со посебни критериуми за вработување на синот на пратеничката Мира Стојчевска. Државната ЕЛЕМ одбива да го достави и годишниот план за вработување на компанијата, каде што е наведено колку работни места е предвидено да се отворат во текот на годината, а во кој се гледа и дали е предвидено ново работно место на позицијата на која е вработен Виктор Стојчевски. Токму овие документи треба да го дадат одговорот дали синот на пратеничката Мира Стојчевска е незаконски вработен во ЕЛЕМ.
Од државната ЕЛЕМ се правдаат дека побараните документи од „А1 он“ не може да ги испратат оти раководството одлучило овие документи првин да бидат доставени до антикорупциската комисија, а потоа до другите што ги бараат. Оваа одлука на ЕЛЕМ се темели на внатрешна консултација, но не и на законска регулација. Систематизацијата и годишниот план за вработување се јавни документи, кои не содржат тајна или заштитена содржина.
Извори од антикорупциската велат дека на синот на пратеничката Мира Стојчевска му недостигаат пет месеци работно искуство за да ги исполни условите за работното место во ЕЛЕМ. Во огласот не е наведено колкаво работно искуство треба да има кандидатот, но систематизацијата на компанијата предвидува најмалку две години работно искуство за таа позиција. Стојчевски пријавил работно искуство од 19 месеци.
Условите за вработување, според систематизацијата, на работното место инженер за нови технологии – приправник, ги исполнувале другите двајца пријавени кандидати, кои пријавиле дека имаат работно искуство од 10 и 20 години. Но, овие кандидати не биле подобни оти ЕЛЕМ одлучила да не се води според стажот, туку според возраста бидејќи нивната определба била да инвестираат во млад кадар.
Сепак, синот на пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ ќе треба да си поднесе оставка од новото работно место. Тој пред еден месец се вработи во државната ЕЛЕМ како приправник инженер за нови технологии. Извори од Државната комисија за спречување корупција за „А1 он“ велат дека во досегашната истрага веќе утврдиле неколку пропусти, па иако на предметот уште се работи, и во оваа фаза веќе е јасно дека од Стојчевски ќе биде побарано да се повлече од работното место. Антикорупциската комисија дополнително побарала документи од ЕЛЕМ, а предвидено е и да направат увид во компанијата.
Кристијан Ландов