Фондот за здравствено осигурување на Македонија соопшти дека во рамки на унапредување и олеснување на неговата комуникација со осигурениците, фирмите и здравствените работници, овозможил сет од електронски услуги на порталот на Фондот со кои на брз, лесен и ефикасен начин осигурениците можат да ги остварат своите законски права без притоа да мораат да доаѓаат на шалтерите на ФЗОМ.
Од воведувањето на електронските услуги, осигуреници, овластени лица и здравствени работници, наведуваат од Фондот, ги искористиле овие електронски услуги и поднеле барање од своите домови или работни места по електронски пат за остварување на одредено право.
Од Фондот наведуваат дека најкористена електронска услуга е за заверка на ортопедски помагала која 31.015 осигуреници ја искористеле и поднеле документи преку матичните лекари и лекарите специјалисти по електронски пат. Придобивките од електронските услуги кои ги воведе Фондот за здравствено осигурување, посочуваат оттаму, се бројни и за осигурениците и за фирмите и за здравствените работници, при што нема трошење време и финансиски средства за да се оди до подрачната служба на Фондот.
Од ФЗОМ истакнуваат дека една од бројните придобивки од електронските услуги е можноста за увид во сопствениот предмет, дали тој е позитивно или негативно решен и кога ќе биде извршена исплатата доколку се работи за рефундација на средства.
Од Фондот ги охрабруваат осигурениците и компаниите и здравствените работници да ги користат нивните електронски услуги. За поедноставно и точно информирање кои се потребните чекори и како да се користи електронската услуга, Фондот изготвил видео туторијали, кои се краток и едноставен водич како чекор по чекор за начинот како да се користат електронските услуги на Фондот.
Видео туторијалите се објавени на веб страницата на Фондот на следниов линк: www.fzo.org.mk или на линкот на Фондот на youtube: www.youtube.com.
Фондот продолжува да работи на остварување на целта, е-Фонд, со цел осигурениците, овластените лица од компаниите, здравствените работници да добиваат ефикасна, навремена и професионална услуга кога истата им е потребна, стои во соопштението од ФЗОМ.