Екипа од Холивуд снима промотивни филмови за Македонија

Од:

Филмска екипа од Холивуд ќе сними 15 кратки промотивни филмови за Македонија, кои на пет странски јазици од 2015-та ќе се емитуваат на популарни светски ТВ-канали и на интернетскиот Јутуб. Инфопатувањето на екипата од Холивуд го организира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и таа снима на различни локации низ земјава.

Снимањето почна во скопската чаршија, денеска ќе продолжи на Матка, а во наредните денови во агендата се и Лазараполе, Јанче, Охрид, Галичица, Пелагонија, Трескавец, Дојран, Берово… Снимањето на филмовите, како и нивното прикажување е бесплатно за Македонија, и независно од рекламите „Македонија вечна“ што се прикажуваат на Си-Ен-Ен.

Во екипата се репортерот, новинар и продуцент Перси фон Липински, филмскиот продуцент Тимоти Марлоу, снимателот Роб Хабер и новинарката од Швајцарија Жаклин Винзелберг, која ќе напише и репортажи за посетените места за специјализирани списанија за туризам од нејзината земја и од Австрија и Германија.

Покрај 15-те кратки филмови, тие ќе откриваат и локации што би ги искористиле за идни холивудски филмови и документарци и ќе ги проверат потенцијалите за снимање во земјава. Екипата, во која има и оскаровци, веќе има убави први впечатоци од Скопје и од овдешните луѓе.

Перси фон Липински, кого го нарекуваат „травел гуру на С-Ен-Ен“ поради искуството за брендирање земји, денеска на прес-конференција рече дека Македонија има услови за формирање бренд.

– Бренд, според мене, е јасна и кратка информација што ја објаснува целата земја. Со мала земја, како  Македонија, не е лесно тоа да се направи, но мислиме дека имаме формула и да го најдеме најспецифичното за Македонија. Секогаш има добри и лоши вести. Доброто е што досега никој не кажал нешто лошо за Македонија, барем јас не сум слушнал, но таа е, сепак, непознат бренд. Имаме посебен, холивудски начин на брендирање и рекламирање, кој им овозможува на луѓето да се идентификуваат со сцени и приказни од филмови.   Пример „Казабланка“, со кој е направено многу за туризмот во Мароко. Постои таков вид туризам  во кој луѓето се поврзуваат со сцени и емоции од филмови, па сакаме да го видиме местото каде што е снимен некој филм. Холивуд тоа многу успешно го прави, рече Липински.

Веќе лоцирал места кои би биле интересни за пазарот што се вклопува во нивниот начин на правење приказни – му се допаднал центарот на Скопје, новите градби на плоштадот, реката со кејот и мостовите со скулптурите. – Мене ми е возбудиво, можете да замислите како би изгледало на филм, додаде Липински.

Директорот на АППТ Кристијан Џамбазовски рече дека програмата на нивното патување е сеопфатна. – За да ја презентираме Македонија во најдобро светло и да се популаризира како туристичка дестинација во светски познати медиуми, истакна Џамбазовски.

Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, посочи дека новите промовитивни филмови се само надополнување на целиот процес за бизнис и туристичка промоција на Македонија, кој Владата на РМ го почна уште во 2007 година, и е нов, различен начин на креирање позитивен имиџ на државата во странство.

– Важно е да се напомене дека нивната посета овде, сето тоа што ќе биде снимено и дополнително емитувано е независно од нашиот годишен договор со Си-Ен-Ен и сето ова ќе биде направено и емитувано бесплатно. Истовремено, тие разгледуваат и голем број локации каде што би се снимале комерцијални холивудски филмови. Такво искуство нивната  продукција веќе имала во Романија, рече Мизо.

И другите членови од екипата присутни на пресот, Тимоти Марлоу, Роб Хабер и Жаклин Винзелберг, пријатно се чувствуваат во земјава, имаат  убави впечатоци од престојот досега и со симпатии зборуваа за културата, природата и луѓето на Македонија.

Продуцентот Тимоти Марлоу работи со продукцијата Холивуд медија бриџ (Hollywood Media Bridge) која соработува со холивудските студија Warner Bros, MGM, Paramount, Universal Studios, Sony Pictures…, а има и успешна соработка со телевизиски канали, како Fox Channel, Reeiz Channel, SyFy, Lifetime… Основач на HMB е филмскиот продуцент и оскаровец Фил Голдфајн.

Кратките филмови за Македонија треба да се прикажуваат од почетокот на 2015 година. Покрај на ТВ-каналите ќе ги има и на големите туристички саеми низ светот.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ