Ефикасноста и брзината на одвивање на кривичните постапки се главен проблем, покажува Третиот извештај за СЈО

Од:

Прашањето на ефикасноста и брзината на одвивање на кривичните постапки се главниот проблем идентификуван во третиот и конечен извештај за активностите и случаите под поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), што го презентира денеска Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

– Се чини дека судењата се одвиваа бавно и долго во основа поради две причини: затоа што начинот на изведување на доказите пред судечкиот совет не е соодветен и поради честите одолговлекувања и одложувања на закажаните расправи. Во најголемиот број судења, изведувањето на материјалните докази се вршеше пред да биде слушнат исказот на повиканите сведоци. Дополнително, се чини дека обвинителите не ги поседуваат потребните вештини и/или не се спремни да ги изберат и пред судот да ги изведат само релевантните докази со кои се потврдуваат наводите од обвинителниот акт. Што се однесува до судиите, се чини дека тие се премногу толерантни и ги прифаќаат различните барања на странките во однос на предлагањето докази, се вели во извештајот.

Публикацијата вклучува препораки до судските актери, законодавната и извршната власт, со цел да се решат прашањата утврдени во извештајот кон подобрување на ефикасноста и правичноста на судските постапки.

– Клучните препораки упатени кон различните чинители ја вклучуваат и препораката за навремено и целосно споделување на сите докази со одбраната, односно, оние што одат во полза на обвинението, меѓутоа и оние во полза на обвинетиот, без разлика на форматот во кој се наоѓаат, како и препораката за прецизен избор на доказите што ќе се изведуваат во текот на судењето, доставувајќи ги до судот само оние материјали кои се неопходни како поддршка и доказ за теоријата на случајот која се застапува.

Другите препораки се упатени до адвокатите на одбраната, кои треба да ги прифаќаат само оние предмети за кои се сигурни дека можат да понудат ефикасно и квалитетно правно застапување, со целосно почитување на европските најдобри практики во сферата на професионалната етика.

На судовите воглавно им се сугерира да ги одложуваат расправите само кога тоа го бараат и им оди во полза на обвинетите кои навистина не се во состојба да присуствуваат. Исто така, од судиите се бара да ги користат алатките за управување со судската постапка кои се предвидени во ЗКП и да се уверат дека во текот на судењето ќе бидат изведувани само релевантни и важни докази.

Извештајот се фокусира на наодите од следењето на судењето од гледна точка на меѓународните стандарди за фер судење. Го опфаќа периодот помеѓу 1 декември 2018 и 15 јануари 2020 година. Два прелиминарни извештаи беа објавени во август 2018 и јуни 2019 година.

– СЈО е создадено во септември 2015 година за да фрли светлина врз скандалот со прислушувања што ја доведе земјата во длабока политичка криза. И покрај тоа што случаите повеќе не се гонети од СЈО, Мисијата продолжува со мониторингот бидејќи веруваме дека присуството на набудувачи во судницата ја подобрува транспарентноста на постапките и помага во градењето доверба на јавноста во системот на кривично право, рече Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за време на онлајн презентацијата.

Претседателот на Кривичниот суд во Скопје, судијата Иван Џолев додаде дека извештајот, подготвен од Мисијата на ОБСЕ, е исклучително важен патоказ што покажува каде треба да се стремиме како судство.

– Ние го цениме овој аналитички извештај и препораките упатени до Обвинителството, бранителите и Судот, но и законодавната и извршната власт, кои се од суштинско значење. Во извештајот се истакнуваат судиите на Кривичниот суд за правилно постапување со предметите иницирани од СЈО, но во исто време, прифаќаме и критики, што ќе ни помогне да ги подобриме перформансите во согласност со законските одредби и надлежностите на Судот, изјави Џолев.

Извештајот е дел од проект финансиран преку вонбуџетски придонеси, обезбедени од Бирото за меѓународни работи за наркотици и спроведување на законот при Стејт департментот на САД и амбасадите на Канада и Холандија.

Би можело да ве интересира

Лавров доаѓа во ЕУ во декември, првпат од почетокот на војната во Украина

Катерина Ѓуровски

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале во голема мера

Блинкен и Лавров се разминаа во Скопје, САД и Русија спротивставени за иднината на ОБСЕ, за Украина, Балканот

Габриел не сакала да биде на иста маса со Лавров и затоа предвреме заминала од Скопје

Горан Наумовски

Хипи: Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода и демократија

Заврши Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, постигнат консензус за идниот претседавач, но не и за буџетот