„Прикривањето на убиството на Мартин Нешковски и полициски монтираниот случај со Љубе Бошкоски, се најеклатантни примери како власта ги користи и злоупотребува институциите под нејзина контрола да го суспендира владеењето на правото и за политизираноста на судството кое власта го користи за да се пресметува со своите неистомисленици“, оцени опозицијата на годишнината од убиството и апсењето.
„Власта на Бошкоски му приреди пречек како на херој, и премиерот се гушкаше со него на аеродром“, потсетуваат од СДСМ и велат дека решиле да го елиминираат со полициско-медиумска хајка, кога почнал да ги критикува за нивните скандали.
Обединети за Македонија бара од Претседателот Иванов да го ослободи Бошкоски, бидејќи „се работи за политички монтиран случај и има низа прекршувања на процедурата“.
„Власта се обиде“, велат од опозицијата, „да го сокрие убиството на Мартин Нешкоски на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Група млади луѓе организираа протести за да не се забошоти вистината“.
Од Достоинство предупредуваат – власта не смее да ги употребува оние кои застанаа во 2001-ва на браникот на татковината, поради последиците и растројството од настаните.
Никој, велат, не понесе одговорност зошто човек како специјалецот Игор Спасов беше пратен на обезбедување на партиска прослава.
Катерина Цаневска Арсовска