Три години Центарот за изгореници во стара Градска болница, донација од јапонската Влада, не функционира. Опремата е на парчиња. Некои делови се користат на други оддели, а просторот од 100 квадратни метри кој функционираше како центар за изгореници по три години служење како магацин, сега е градилиште.
„Го направиле магацин пред неколку години кога почнала реконструкцијата на старата Градска болница. Ние сега спремаме еден дел за изгореници на пластична хирургија. Во септември очекуваме да почне со работа“, вели министерот за здравство, Венко Филипче, за „А1 он“.
Пациентите со изгореници сега се сместуваат на други оддели и најчесто лежат на обични, место на специјални кревети. Оние во критична состојба, како момчето кое пред три дена доби изгореници на 80 отсто од телото, се праќаат на лекување во странство. Директорот на ЈЗУ универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски – Скопје“ вели дека покрај решението од септември пациентите да се згрижуваат на одделот за пластична хирургија, планираат центарот повторно да биде отворен на истото место во болницата бидејќи опремата е зачувана.
„Во моментов Центарот за изгореници не функционира од технички причини, имаме градежни работи и тој простор е зафатен со градењето. Дел од опремата ја користиме онаму каде што треба, има нешто на интензивна нега. Тоа се подвижни работи, може да се преместуваат. Нашите очекувања се да се вратат на истото место каде што биле и центарот повторно да почне со работа. Кога ќе заврши реконструкцијата ќе бараме решение тие повторно да бидат ставени во функција. Не можам точно да кажам кога ќе завршат градежните работи, но очекуваме тоа да се случи до крајот на годината“, вели директорот Иван Спировски за „А1 он“.
Центарот за изгореници во болницата „Св. Наум Охридски – Скопје“ беше отворен во 2000 година, како донација од јапонската Влада. Центарот имаше посебен влез од задната страна на болницата каде што на 100 квадратни метри беа сместени операциона сала, просторија за интензивна нега и една болничка соба. Годишно во центарот се лекуваа по 80 пациенти од кои најголем број деца кои остануваа на лекување и по неколку месеци. Директорот Спировски вели дека центарот ќе го има истиот капацитет како претходно оти се ограничени со просторот.
Центарот беше затворен во 2016 година кога почна реконструкцијата на болницата, која сè уште не е завршена поради неколкукратни стопирања на градежните работи. Последниот обид за реновирање почна на почетокот на годинава. Директорот Спировски вели дека со градежните работи се опфатени 40 отсто од болницата. Се работи со намален капацитет, но операциите се одржуваат на исто ниво како и лани и преклани.
Градежните работи ги изведува „Конструктор Рената и др.“ кои во мај 2016 година потпишаа договор со Министерството за здравство за близу 2,4 милиони евра да ја реконструираат болницата во рок од две години.