„Радмила Шеќеринска пред два дена ги брифираше амбасадорите на земјите од НАТО за Стратегискиот одбранбен преглед (СОП).
Да појаснам, СОП е клучен стратешки документ за националната концепција за безбедност и одбрана, бидејќи врз основа на овој докумет се изработува Стратегијата за одбрана на Република Македонија.
Веднаш да кажам дека ова е тој документ-СОП кој предизвикува сериозна загриженост кај Единствена Македонија во однос на одбраната на државата, но, за неговата поразителна содржина за одбраната нема да зборувам од причина, како што гледате носи назнака доверливо, станува збор за класифициран документ.
Меѓутоа, Радмила Шеќеринска на брифингот со амбасадорите на земјите од НАТО изнесе лаги, кои не би биле ништо ново со оглед на секојдневните лаги на марионетската власт во Скопје, меѓутоа, во случајот се работи за лаги кои ја тангираат безбедноста и одбраната на Република Македоија, а кои мора да ги знае јавноста“, рече претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев на денешната прес-конференција.
„Прво, Шеќеринска рече дека процесот на изработка на СОП е успешен поради квалитетниот тим кој на него работел. Ова е целосна лага, бидејќи офицери од висок ранг кои работеле и кои треба да го операционализираат овој документ при оценувањето на нивната редовна физичка подготвеност двапати едноподруго се оценувани со степенот „не задоволува“, а ова според Законот за служба во АРМ значи престанок на работниот однос. Меѓутоа, наместо отказ, СОП на Шеќериснка го изработуваат офицери со оценка „не задоволува„. Со еден збор, СОП го изготвуваат официри кои фактички подолго време се неспособни за извршувањето на своите функции.
Единствена Македонија го има списокот на овие офицери во АРМ.
Второ, Шеќеринска се пофали пред амбасадорите, дека СОП е во завршна фаза и во јуни ќе биде донесен на Влада.
Меѓутоа, тоа значи дека Шеќеринска не го ферма правниот поредок, бидејќи СОП не е донесен според неопходните законски процедури. Прописите налагаат процесот на носење на СОП да се води во постојана соработка и координација помеѓу министерството за одбрана, министерството за надворешни работи, Претседателот на Република Македонија во својство на врховен командант, како и Собранието на Република Македонија и неговите соодветно комисии. Со оглед на тоа што не е запазена процедурата, основано се наметнува заклучокот дека СОП е донесен од некој засега неидентификуван вонинституционален центар, бидејќи сите наведени државни органи не се координирани и недозволиво се прескокнати.
Можеби работите стануваат појасни од изјавата на Џес Бејли кој на брифингот рече дека може да посведочи за СОП како одличен документ и за вредната работа на компетентни лица од АРМ. Ваквата изјава јасно кажува дека Бејли во детали е запознат со СОП кој пак носи назнака доверливо, и оттука прашањето, од каде извира правото на Бејли да располага со документи со назнака доверливо, и дали СОП недозволиво, всушност е пишуван во американската амбасада!?
Понатаму, Шеќеринска рече дека нашата цел е мала, модерна Армија, меѓутоа во заднина друго залагање од Шеќеринска како министерка за одбрана. Како што гледате од Извадокот од Програмата за трансформација на Армијата, Македонија треба да има вкупно 919 офицери, а во Шеќеринска го зголемила на 1646 што значи разлика од 727 прекубројни офицери.
Значи, ништо од јавното залагање на Шеќеринска за мала и модерна армија. Значи, Македонија има нешто како карикатура од армија, без редовен воен рок со мал број на војници по договор, а енормно голем официрски кадар, или, народски кажано, имаме повеќе генерали од војници.
На крај, го повикуваме претседателот Иванов, со оглед на неговите обврски во делот на вооружените сили како врховен командант да направи потемелно согледување, како е можно вакви пропусти во воените стратешки документи да не бидат навреме детектирани и исфилтрирани од аналитичкот оддел на воените безбедносни структури.
Новата легална власт на Единствена Македонија ќе ги расчисти целосно националните предавства, согласно законите што ќе произлеат од новиот македонски Устав“, изјави Бачев.