Џафери се сретна со претставници на ЗНМ и Ванхојте

Од:

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и европскиот експерт Питер Ванхојте денеска се сретнаа со претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери со кого разговараa за идните приоритетни реформи во медиумите и за важната улога на Собранието во нивното спроведување.

Како што соопшти ЗНМ, Ванхојте истакнал дека за да може Собранието да ја следи динамиката на реформите треба да се зајакнат неговите капацитети, посебно во делот на организирање на расправите во работните тела и усвојувањето на медиумските закони. Според него, улогата на Собранието за медиумските реформи е важна и поради процесот на селекција и избор на членовите на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија и на Советот на Агенцијата за медиуми, кој треба да биде транспарентен и врз основа на јасни критериуми со цел да се изберат најдобрите пријавени кандидати.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани смета дека Собранието има важна улога и одговорност за обезбедување на слободата на говорот во земјата и дека еднаш годишно треба да организира дебата за слободата на говорот, како и да ги искористи сите механизми за подобрување на состојбата.

Според него, Собранието треба да дебатира за судската пресуда од Стразбур, во која е утврдено прекршување на слободата на говорот на македонските новинари, кои на 24 декември 2012 година, беа насилно избркани од собраниската галерија. Дебатата е потребна со цел да се извлече поука од инцидентот и таквите немили настани никогаш да не се повторат во иднина.

Селмани побарал да се подобрат условите за работа на дописниците во Собрание и да се подобри комуникацијата со нив преку организирање редовни брифинзи и прес-конференции.

Претседателот на Собранието Џафери изразил подготвеност да соработува со ЗНМ и другите граѓански организации, заинтересирани да учествуваат во комисиските расправи за поедини закони. Џафери, како што стои во соопштението на ЗНМ, ветил дека ќе направи се да ги подобри условите за работа на новинарите во Собранието и дека ќе ја подобри комуникацијата со нив.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Новинарот Фуркан Салиу да биде пуштен на слобода, а МВР да ја информира јавноста за причините за неговото приведување

ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството

ЗНМ И УНДП ги доделија наградите за новинарски стории за 2023 поврзани со загадувањето на воздухот во земјава

Одговор од Собранието на реакцијата на ЗНМ во врска со вчерашната седница за избор на техничка влада