Две лица денеска загинаа на патиштата во источна Македонија во две сообраќајни несреќи, кои се случиле во период од три часа.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова соопшти дека на магистралниот пат меѓу виничкото село Истибања – Македонска Каменица, на свиокот во близина на рибникот „Саваро“ загина 51 годишен маж од селото Облешево.
Несреќата се случила откако неговото товарно возило „Махиндра“ излетало од коловозот. Возачот загинал на лице место, лекарите само ја констатирале смртта.
Три часа подоцна околу 13:30 на влезот од Македонска Каменица на патот кој води до селото Цер од засега неутврдени причини дошло до судир меѓу автомобил Форд со каменички регистерски таблички и Фолксаваген Поло со скопски регистерски таблички.
Панајотова вели дека на лице место загинала 75 годишната сопатничка од возилото Поло, а нејзиниот 55 годишен син се здобил со телесни повреди.
Увидот од страна на истражните органи е во тек. Според статистиката на СВР-Штип за неполни девет месеци на патиштата во источна Македонија загинаа 20 лица.