СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе две кривични пријави против вработен во Јавно претпријатие „Национални шуми“ подружница „Беласица“- Струмица. Како што информираа од МВР, во првиот случај тој се сомничи дека сторил кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и „фалсификување исправа“.
Имено, на 21 октомври оваа година полициски службеници од СВР Струмица извршиле контрола на товарно возило во кое две лица од село Банско, струмичко, превезувале огревно дрво. Притоа, од приложената документација било утврдено дека осомничениот им овозможил да ги исечат и пренесат дрвата, но наведеното во испратницата не се совпаѓало со тоа што е затекнато на лице место. Поради наведеното и двајцата жители на село Банско се сомничат дека го сториле кривичното дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ по член 380 став 1 од Кривичниот закон.
Втората кривична пријава, пак, е поднесена заради сомнение дека вработениот во ЈП „Национални шуми“ сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1, а двајца жители на село Мокриево, струмичко, сториле кривични дела „соизвршителство’’ по член 22 став 1 во врска со „Злоупотреба на службената положба и овластување’’ и „употреба на исправа со невистинита содржина’’ по член 380 став 1 од Кривичниот законик.
-На 26.10.2023, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица извршиле контрола во складиште за дрвени сортименти во село Колешино, струмичко, при што била затекната поголема количина на техничко дрво на која имало жиг кој не соодветствувал со видот и обликот. За наведената количина, сопственикот приложил испратници, кои биле подготвени од осомничениот референт за сеча. При увид во испратниците било утврдено дека дрвото требало да се пренесе кај лица- жители на селата Пиперево и Мокриево и се однесувале за превоз на огревно дрво, стои во информацијата во денешниот дневен билтен на МВР.
Се додава дека при извршен инспекциски надзор од страна на државен инспектор од областа на шумарството било утврдено дека сортиментите во испратницата се за обезбедување на физички лица за сопствени потреби од државна шума, а во конкретниот случај не се работело за огревно дрво. Лицата од село Мокриево го извршиле транспортот на дрвата и на нив сопственикот на складот им платил 150.000 денари.