Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денес го именуваше Душко Коцевски за в.д. директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје, кој доаѓа на оваа позиција на местото на досегашниот директор Васко Кичевски.
„Со чест и задоволство прифатив да бидам нов в.д. директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар. Му благодарам на градоначалникот за укажаната доверба. Во следниот период, заедно со тимот, ќе работиме на подигнување на стандардите на работење на уште повисоко ниво. Тоа значи подобри услуги за нашите корисници, соодветен простор за сите учесници во сообраќајот и организирање на јавниот простор за поквалитетно секојдневие во срцето на градот“, изјави новиот в.д. директор на јавното претпријатие, Душко Коцевски.
Душко Коцевски е роден на 17.12.1988 година во Скопје, каде и го завршува основното и средното образование. Дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, насока Финансиски менаџмент. Моментално ги завршува постдипломските студии на CITY College Thessaloniki, International Faculty of the University of Sheffield, каде ќе се стекне со титулата Магистер по бизнис администрација (Executive MBA). Зема учество на многубројни домашни и интернационални проекти за лидерство како што се: Програмата за одржливо лидерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј – Економски факултет – Скопје, Институтот за истражување на животна средина, градежништво и енергија (IECE), Универзитетот во Грац, Универзитетот во Љубљана и Универзитетот Витаутас Магнус; The LEADER Project, Ivey Business School (University of West Ontario).
Во својата кариера Душко Коцевски беше заменик директор на ЈП Градски Паркинг Скопје, каде дојде на оваа позиција од менаџерска позиција во приватниот сектор во металната индустрија, a до неодамна беше и Претседател на Извршниот Одбор на ЈП „Паркови и зеленило“.