Дури денеска пристигна првиот авион со субвенционирани групи холандски туристи во Охрид

Од:

Со чартер-лет на туроператорот „ТУИ“ денеска на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ од Ајндховен пристигнаа првите туристи од земјите на Бенелукс кои организирано преку агенција ќе летуваат на Охридското Езеро.

Со тоа после подолг период наметнат поради епидемијата на корона-вирусот повторно се воспоставуваат редовните сезонски линии од Холандија до Охрид. Предвидено е оваа сезона туроператорот „ТУИ“ до Охрид да оперира со две авионски линии седмично, со предвидувања дека преку агенцијата оваа сезона тука да летуваат повеќе од 3200 туристи од Бенелукс.

Министерот за економија Крешник Бектеши изрази надеж дека после забраните што резултираа со намалување на бројот гости, пристигнувањето на првите туристи од Холандија ќе означи почеток на помасовно присуство на туристи во земјата.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски рече дека полека се остваруваат оптимистичките предвидувања за зголемување на бројот странски туристи споредбено со лани.

– Според нашите предвидувања, оваа сезона ќе дојдеме на ниво во туризмот од 2017 година. Тоа значи и понатаму субвенционирање на странските туристи, а се надевме и работиме на анализи за подобрување на моделот за субвенционирање бидејќи се менуваат одредени правила и целни групи во туристичката сфера, рече Јаневски.

Последните мерки што ги воведе Полската влада за задолжителен карантин на туристите што биле на одмор во Македонија во голема мерка го намали очекуваниот број, особено оние што требаше да летуваат преку организирани аранжмани.

Според субјектите кои соработуваат со полски агенции и тур-оператори што ја нудат државава како дестинација, бројот на туристи од Полска оваа година е 20 до 30 проценти од она што било планирано. Иако полските туристи се меѓу најбројните летово во Охрид, сепак претежно се тоа индивидуални посети во сопствена режија, далеку помалку групни летувања со два чартер-лета седмично.

Јаневски изрази очекувања дека ситуацијата врзана за ограничувањата во Полска ќе се подобри, дека луѓето кои не се вакцинирани нема да мора задолжително да одат во карантин. Како мерка за олеснување на пристапот на туристите во државава Агенцијата заедно со Министерството за економија обезбеди 50 илјади бесплатни ПЦР тестови што ќе им помогнат при враќањето на оние туристи на кои им е потребен.

Мерката за субвенционирање на агенциите кои организирано ќе носат странски туристи во земјата и натаму е во сила, со предвидени субвенции од 65 евра за гости од Холандија, односно 35 евра за гости од Полска од реализиран аранжман за три ноќевања со појадок.

Би можело да ве интересира

Турците, Германците, Србите и Французите најбројни странски туристи во земјава

Земјотрес со јачина од 3 степени утринава почувствуван во Охридско-струшкиот регион

Првите полски туристи од Вроцлав слетаа на аеродромот во Охрид, почнуваат две нови авиолинии од Вроцлав и Катовице

Охрид SOS со барање до Министерството за култура за итна привремена заштита на заштитена куќа во градот

Горан Наумовски

Лажниот доктор од Охрид доби казна затвор од пет години и шест месеци, а од измамените осум граѓани зел околу 56.000 евра

Мртов маж е пронајден во стан во Охрид