Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска пред зградата на општината ја артикулираше веројатно најчестата забелешка што ја слуша секој локален политичар во оваа средина: Неефикасноста и неработењето на општинските служби. Наместо општи ветувања, Османи излезе со пакет конкретни механизми како јавно табло со неделен план и статус на задачи, проект „Чаир 48“ за одговор/решение на пријави во рок од 48 часа, вторник како „отворен ден“ без закажување, брза комунална екипа и јавен календар на средби и одлуки на општината, се наведува во соопштението од ДУИ.
Оваа рамка директно го погодува коренот на проблемот кој со години ја следи општината: неефикасност, слаба координација меѓу службите и отсуство на видливи рокови. Граѓаните ретко знаат кој е задолжен за конкретен проблем, кога ќе биде решен и зошто доцни. Јавното табло, ако навистина се ажурира редовно и прецизно може да внесе најосновна, но пресудна промена: дневна видливост на работата.
Воведувањето рок од 48 часа за „мали“ комунални интервенции (дупки, улично осветлување, отпад, небезбедни точки) е амбициозен зафат. Во пракса, ваков стандард бара дисциплина во прием и класификација на пријавите, доволно екипи на терен и резерви во буџетот за брзи поправки. Добро е да се разграничат активностите на општината меѓу „брзи“ или интервентни и „капитални“ работи и во таа насока ова е добра идеја. Граѓаните побрзо ќе разберат што реално може да се заврши за два дена, а што бара проект и тендер.
„Отворен ден“ без закажување и јавен календар на активностите се чекори што веќе постојат во некои општини, но ретко функционираат доследно.
Клучно ќе биде, дали градоначалничкиот кабинет навистина ќе биде достапен секој вторник, дали ќе има протокол за следење на случаите што ќе стигнат тој ден и дали ќе се објавуваат резимеи/исходи за јавноста. Во спротивно, и ова може да се претвори во уште еден симболичен гест, но Османи го ветува спротивното. Нетранспарентноста на општина Чаир секогаш била проблем, да видиме дали ако Османи победи ова ќе се промени.
Во говорот, Османи најави и утрински брифинзи со службите секој работен ден во 07:30 часот, со јавно објавување на дневниот план. Ваквиот ритам на координација може да „одврзе“ многу мали блокади меѓу секторите под услов плановите да не останат на хартија, туку да се следат и да носат последици ако доцнат.
Од друга страна, искуството во Чаир покажува дека проблемите ретко се еднодимензионални. Освен организацијата, постојат ограничувања како буџет, јавни набавки, координација со Град Скопје и државни институции, па и долготрајни правни спорови околу јавни површини. Затоа, најавите денес звучат охрабрувачки, но ќе бидат тестирани веќе во првите недели со „малите“, секојдневни барања на граѓаните.
Сумирано, Османи го погоди нервот на дебатата во Чаир – неефикасноста. Наместо само политичко надвикување, понуди мерки кои по дефиниција се проверуваат во реално време. Ако се воведат доследно, ќе донесат нова култура: општина што мери, објавува и испорачува. Ако не, Чаир и натаму ќе ја повторува својата најпозната реченица. Изборите на 19 октомври ќе покажат дали граѓаните му веруваат на овој премин од реторика кон ригорозни рокови, наведуваат од ДУИ.