Демократскиот сојуз ќе иницира постапка за формирање Анкетна комисија во Собранието на Република Македонија, во врска со новинарот Томислав Кежаровски, против кој се води постапка од мај 2013 година, а сè уште нема конечна одлука.
Демократскиот сојуз, како што наведуваат во соопштението, смета дека обвинение засновано на докази обезбедени преку кршење на закони е спротивно на Законот за кривична постапка и врз такви докази не може да опстои обвинение.
Против Томислав Кежаровски, наведуваат од ДС, има обвинение дека објавил податоци за заштитен сведок, за кој се покажа дека тој сведок ниту видел, ниту слушнал, кој го нарачал, ниту кој го извршил убиството во село Ореше, Велес.
– Се работи за класичен „крунски сведок“ кој бил мотивиран-присилен на соработка со Судот, што е спротивно на Законот за заштита на сведоци и Законот за кривична постапка, стои во соопштението и се додава дека од тие причини ДС смета дека Парламентот треба да формира Анкетна Комисија која ќе ја разгледа улогата на сите инволвирани во тој случај и ќе предложи постапка за утврдување на одговорноста.