Домашните гости можат да ја спасат туристичката сезона во Охрид

Од:

Туристичкиот сектор објективно гледано е најпогоден од мерките за изолација наметнати поради епидемијата на коронавирусот. Оценка на хотелиерите е дека доколку мерките за изолација бидат олеснети во текот на наредниот месец, доколку следи постепено опуштање на рестриктивните ограничувања и нормализација на состојбите, преку добро осмислени мерки, со позитивна пропаганда и соодветна поддршка од медиумите, работите во секторот ќе се подобрат.

Доколку компаниите, фирмите, спортските клубови, но и државните институции ја дадат својата поддршка на домашниот туризам тогаш туристичкиот сектор ќе ги надмине проблемите предизвикани од епидемијата на коронавирусот, сметаат хотелиерите. Во најголем дел тие излезот од кризата во секторот го гледаат преку промоција и поддршка на домашниот туризам, надополнување на откажаните аранжмани на странските оператори со домашни туристи.

Конкретно зборувајќи за Охрид како наша најпозната туристичка дестинација, хотелските менаџери пропуштениот период на целосна забрана за работа го посочуваат како „мртов“ период оттаму што во месеците март и април во Охрид никогаш немало позначајна туристичка посетеност.

Свесни се дека враќањето на состојбите во секторот во нормала ќе се одвива постепено, но мора да се работи плански, со коодинираност на сите стопански субјекти, од сите стопански гранки и области.

– Доколку сите стопански субјекти своите активности ги насочат на правилен начин, од оваа криза ќе излезиме како победници. Туристичката дејност не е изолирана од другите стопански сектори. Ние за нашите услуги трошиме суровини, истите ги набавуваме од домашни партнери, дали е тоа струја, прехранбени производи, услуги. Како субјекти кон јавните претпријатија имаме огромни давачки. Доколку јавните претпријатија на вработените им понудат одмор во домашните капацитети со одредени бенефиции, со цена на сместување формирана преку пребивање, тоа ќе биде од полза на сите, изјави Љупчо Цветаноски, директор на хотелите „Климетица“ и „Маива“, со капацитет од некаде 140 легла.

Цветаноски потсетува дека туристичката сезона во Охрид секогаш била во периодот од мај до октомври, а секторот за странските туристи секогаш давал „екстра“ цена, со разни поволности и мерки за поддршка.

– Доколку таа „екстра“ цена и понуда ја дадеме на домашните јавни претпријатија, на домашните фирми, компании преку закупи на аранжмани, ние ќе дојдеме до резултати речиси идентични како со странските гости, уште повеќе што нашиот турист знае да потроши, изјави Цветаноски.

Тој смета дека моменталната ситуација со коронавирусот кога ниту еден турист нема сигурност ниту гаранција за заштита, логично е да се размислува за користење одмор во домашните центри наместо патување надвор.

– Одморот не е само аранжманот ниту морето. Вирусот може да е насекаде, и тука кај нас но и во странство. Отсуството на соодветна здравствена заштита кога сте во странство само по себе носи несигурност. Домашниот туризам тука е во предност, оттаму што ги елиминира евентуалните несакани последици доколку настапат здравствени проблеми, а се наоѓате во странска држава. Ние во соработка со стопанските комори и сите субјекти сме во состојба да формираме добра понуда со цена прифатлива за просечен граѓанин, да може да си дозволи да летува во Охрид, Струга, Дојран, во сите туристички центри со кои располагаме, вели Цветаноски.

Што се однесува на најавените, а пропуштените настани од областа на семинарскиот и конгресниот туризам, оценка на хотелиерите дека истите можат да се реализираат наесен, секако доколку тоа биде добро осмислено и вклопено во мерките што ќе ги спроведува Владата за поддршка на туристичкиот сектор.

Охридско-струшката ривиера располага со хотелски капацитети со некаде до четири илјади легла. Од нив речиси 40 проценти се пополнети со лица кои државата ги смести во задолжителен карантин.

Во овој миг хотелот „Климетица“ е целосно исполнет со лица кои преку мерките на државата се во задолжителен карантин. За нив државата ќе исплати по десет евра од лице дневно, што реално гледано може да пополни некоја од празнините наметнати од ситуацијата.

– Закупот се врши за цел капацитет. Моментално во „Климетица“ има 83 лица во карантин за период од 14 дена, во месец април. Тоа е навистина ниска цена, но тоа е нашата поддршка во овие кризни времиња кон државата, дотолку повеќе што на располагање е целиот објект, а не само некоја соба. Добро изменаџирано тоа е математика што може да ни ги покрие трошоците во овој период, така што на некој начин успешно се справуваме со ситуацијата. Понатаму ќе размислуваме за тоа како да се анулираат негативните последици од ситуацијата, рече тој.

Претседателот на Техничката влада Оливер Спасовски најави дека Владата ќе утврди нови мерки со цел ублажување на последиците во туртистичкиот сектор.

– Ние веќе подготвивме два сета економски мерки, од кои првиот директно беше наменет за туристичкиот сектор, за да може уште во самиот почеток да има финансиски средства за ликвидност. Исто така, на располагање на овој сектор беа ставени и економските мерки од вториот сет. Во моментов се прават дополнителни анализи посебно за секоја од гранките. Секако дека најверојатно ќе имаме потреба од носење нов сет на мерки, меѓутоа тие треба да се носат посебно за туризмот, за да ги намалиме негативните ефекти во оваа гранка. Во постојан контакти сме и треба да биде јасно дека Владата ќе направи се што треба да направи за да им помогне на компаниите и работниците, изјави Спасовски.

Ситуацијата наметната со пандемијата на коронавирусот и забраната за работа дел од хотелиерите и угостителските работници ги искористија за освежување на објектите, чистење, некои вршат реновирања, реконструкции, сето во надеж на подобрување на состојбите. Однапред закажаните манифестации се презакажани за подобри времиња, но сето врзано за текот на настаните околу пандемија. Сметаат дека е неблагодарно да се проценува како се одвиват настаните во иднина, но засега останува да важи истата препорака, потребата од што подоследно почитување на мерките за спречување на ширењето на коронаворусот, се со цел што поскора нормализација на состојбите, па потоа со добро осмислена стратегија да се работи за враќање на гостите во Охрид.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on