ДОМ е изненаден од изјавата на г-нот Азманов, во име на инвеститорот на објектот „Настел Тафталиџе“. ДОМ нема намера да се расправа со приватни инвеститори, кои си имаат свои интереси. За нас како политичка партија е важен јавниот интерес и затоа бараме одговор од институциите, кои се должни да го заштитат, велат од ДОМ.
„По дојава од граѓани од Карпош, ДОМ пред 10 дена издаде соопштетие во кое ја извести јавноста за никнување на „монструм зграда“ во Тафталиџе 1. За истиов случај и пратеничката Лилјана Поповска два дена подоцна постави пратеничко прашање до Министерството за транспорт и врски и очекува писмен одговор. Самиот инвеститор на својата веб-страна кажува дека ова е најголемиот стамбено-деловен објект досега во земјава, со развиена површина од 60.000 метри квадратни!
Само да потсетиме, се работи за објект, за кој има забелешки од разни страни од стручната јавност и од граѓаните:
– ДУП-от на четвртта е донесен во нетранспарентна процедура без јавна расправа, во екот на Новогодишните празници, заедно со други спорни ДУП-и. Поради ова следеа серија граѓански протести и акции.
– Постојат нерасчистени имотно-правни односи околу незавршена денационализација, за што течат процеси од страна на сопствениците на земјиштето, што може да се види од нивната документација.
– Објектот со својот огромен габарит ги гази еколошките стандарди за хумано живеење и сместува едно мало македонско градче во една зграда. Ги засенува околните објекти, нема проветрување за цела населба, нема простор за нормален сообраќаен тек, а ќе се издига како кинески ѕид во општина Карпош!
– Сериозно се прекршени и надминати урбанистичките стандарди при проектирањето и постои несовпаѓање со ГУП-от на град Скопје, посебно со членот 47, во кој се дефинираат основните параметри за висината на објектот, неговиот габарит и густината на населението во дадената четврт. Практично, според стручњаците, само овој објект ќе ја исцрпи и надмине дефинираната густина на целата четврт!
Поради сево ова, ДОМ побара стопирање на градбата, промена на ДУП-от и на проектот“, стои во соопштението на ДОМ по изјавата на Зоран Азманов.