ДОМ бара ревизија на концесиите за рудниците Казандол и Иловица

Од:

Партијата ДОМ испрати писмено соопштение во кое бараат стопирање на активностите и ревизија на концесиите за рудниците Казандол и Иловица.

„ДОМ е против отворање цела дузина рудници во Македонија – од Петрошница во Старо Нагоричане, преку Плавица во Пробиштип, па во Кочани, Струмица, Делчево, се до Казандол во Валандово. Тоа е неодговорно кон граѓаните и нивното здравје, зашто сите тие планирани рудници за злато, бакар и сребро се површински, со мало количество метал во земјата. Тие се „рудници на смртта“ – работат со цијанидни и сулфурни раствори во отворени базени по планините, загадувајќи се живо околу себе. Посебна трагедија е што целиот тој источен појас е одамна стратешки насочен кон земјоделие и туризам. А сега им се нуди опустошена природа, уништени полиња и животен век од 40 години. Тоа е недозволиво!

Најитно треба да се решат рудниците Казандол, Валандовско и Иловица, Струмичко, кои веќе добиле концесии од Министерството за економија и се градат. Бараме стопирање на активностите и итна ревизија на нивните концесии. Основа се барањата на граѓаните во сите засегнати општини преку протести и референдуми. Аргументи се: 1) изиграна процедура за информирање на јавноста, 2) лажно претставување на божемни странски инвеститори и 3) скандалозни студии за оценка на влијанието врз животната средина.

Борбата против опасните рудници треба да оди преку ревизија на овие студии за животна средина. Убедени сме дека, не само што државата не треба да плаќа пенали, туку други треба да и платат отштета.
Многу е интересна студијата за рудникот за бакар Казандол. Детално се објаснети технолошките постапки и нивното штетно влијание: 1) рударски активности со минирање, кои произведуваат прашина, бучава и вибрации, посебно опасни зашто ова е „еден од сеизмички најактивните региони во Македонија“ со „најсилните земјотреси во поширокиот регион“, што може да доведе до лизгање на земјиштето, пукање на браните и излевање на отровните материјали во полето и градот; 2) копање базени, лужење со сулфурна киселина, екстракција и електролиза, што се заедно предизвикува „со сигурна веројатност“ загадување на почвата, атмосферските и подземните води во „многу долг период“, преку „инцидентни истекувања“; 3) создавање отпад од шут, обоени метали, минерални суровини, масла и течни горива „со сигурна веројатност“ во „многу долг период“; 4) загуба на вегетација и живеалишта што е „нереверзибилно“; 5) физички промени на пределот „со сигурна веројатност“ и „нереверзибилно“. Исто така, во студијата чесно е наведено дека постои веројатност за вонредни состојби, хаварии и инциденти, како поплава, пожар, експлозија, истекување на хемикалии и сл. Но, изненадувањето доаѓа на крајот од Студијата, кога консултантската фирма, заклучува дека независно од сите споменати и очекувани ризици – „изградбата и работата на предложениот комплекс се сметаат за ОПРАВДАНИ, бидејќи… нема да предизвика значителни влијанија врз биолошката разновидност и пределот и врз еколошкиот интегритет во поширокото подрачје“!!!

Не помалку интересна е студијата за рудникот за злато Иловица. И таму е заклучокот позитивен и смирувачки, со препорака да се прифати проектот. Како да не се работи за лужење со цијаниден раствор во базен без никаква заштитна обвивка, среде Струмичко Поле. Како да се заборава дека постои и процес на амалгамација со жива, дека талогот од флотацијата содржи кадмиум, олово и арсен, дека целиот токсичен материјал што ќе се собере во текот на работењето ќе биде цел рид од 250 милиони тони, дека сето тоа ќе се разнесува во воздухот, водите и почвата. Се запоставува и опасноста од попуштање на браната од токсичното езеро, како што беше случај со рудникот Саса во 2003 година. На консултантите не им е важен ни проблемот со водоснабдување на рудникот, кој „голта“ 5.700 м3 вода дневно. Планирано е да им ја земе на жителите од Босилово, кои се снабдуваат од акумулацијата, но ни тоа нема да биде доволно, зашто годишните потреби на рудникот се 2 милиони м3 вода, додека во акумулацијата има само 0,5 милиони м3!!!

Повеќе од очигледно е, дека некои консултанти си ја погазиле стручноста и професионалноста, па ваквите студии за оценка на влијанието врз животната средина ги третирале само како „тезга“ и формалност. А се работи за суштински документи, кои треба да бидат непропусна брана за еколошки штетни проекти.

ДОМ започна активна кампања против отворањето рудници со нашиот порт-парол Тони Ристов на јавната расправа за рудникот Иловица. За жал, тој не е веќе меѓу нас, но партискиот тим и понатаму ќе ја води оваа борба. Следни чекори се разговори со надлежните членови на Владата и нови средби со граѓаните, за да се согледа во вистинско светло еколошката катастрофа што не демне како граѓани“ соопштуваат од ДОМ.

Би можело да ве интересира

Кој ќе ја плаќа отштетата за пропаднатите рударски инвестиции?

А1он

(ВИДЕО ) „Еуромакс ресоурцес“ со последна опомена до власта да го почитува законот, пред да почнат арбитража тешка милијарди евра

Орце Костов

Државата исправена пред економска логика – ќе го поддржат ли извозот на рударството за зголемен економски раст?

Орце Костов

Петровски: Отварањето на нови рудници треба да биде приоритет, а не табу тема!

Македонското рударство од почитувана, профитабилна и значајана стопанска гранка до повици за забрана за отворање нови рудници

Бектеши: Нема институција што не дала позитивно мислење за рудниците од 2005 година наваму

Орце Костов