Доковска: Правото на вода и санитација како основно човеково право да стане уставна категорија

Од:

Пристапот до чиста вода, соодветна санитација и хигиена се суштинска потреба и нашето се погласно барање е пристапот до вода и санитација да бидат дел од нашиот Устав. Кога тоа би се случило ублажувањето на климатските промени би биле поефикасни, би се намалил ризикот од поплави, суши, катастрофални непогоди, па дури и загадувања и инфекции, како што сега ни се случува.

Ова денеска го истакна Наташа Доковска од Новинари за човекови права на виртуелната дебата на тема „Правото на вода и санитација како основно човеково право во време на пандемија“.

– Само да потсетам дека две петтини од населението се уште нема пристап до сапун и чиста вода дома, а секоја шеста здравствена установа во светот нема услови за хигиена на рацете. Стотици илјади смртни случаи годишно се препишуваат токму на овој проблем. Ние не сме изоставени од овој предизвик. Пред почетокот на кризата во училиштата немаше сапун и хартија за одржување на хигиена, освен доколку родителите самоиницијативно однесеа, во здравствените установи јавните толатеи кои ги имаме многу малку тоа одамна е мислена именка, вели Доковска.

Според неа, водоснабдувањето мора да биде доволно и континуирано за лична и домашна употреба што вообичаено вклучува пиење, лична хигиена, перење облека, подготовка на храна. Таа додаде дека мора да постои доволен број санитарни објекти за да се обезбедиме дека сите потреби на секое лице се исполнети.

– Да се осврнеме на препораките кои последниот месец речиси секојдевно ги слушаме за одржување на хигиената, но и да истраеме на нашите барања и да инсистираме правото на вода и санитација како основно човеково право да стане уставна категорија да не ни се случи втора пандемија од која тешко ќе излеземе, порача Доковска.

Според Eвгенија Крстевска од „Глобал Шапер“ доколку се пропише правото на вода како основно човеково право во Уставот, најпрво ќе се заштити приоритетната употреба на водата за пиење, како основно човеково право и ќе се утврди статусот на општо добро на правото на вода, односно на приоритетната употреба на водата со тоа што државата активно ќе треба да го заштити тоа право.

– Проблематично е тоа што надлежностите во нашата држава околу остварувањето на правото за вода и санитација ги имаат локалните самоуправи, но не е дадена можност државата да го преземе управувањето со водоснабдителниот систем за остварувањето на овие права тогаш кога општините нема да ги остварат своите обврски и нема да овозможат уживање на ова право, рече Крстевска, додавајќи дека Словенија дозволила секогаш кога општините нема да го остварат правото на вода на своите жители, тогаш државата може активно да се вклучи и да го обезбеди остварувањето на ова право.

Таа вели дека е важно на кој начин ги штитиме изворите за пиење на вода и оти за жал ова не е материја со која може да се пофалиме со тоа што, како што додаде, подземните води на територија на земјава се основен ресурс за водоснабдување, но тие учествуваат со 70 посто во индивидуалното водоснабдување.

Како најголем проблем кај нас го издвои раководењето со водните ресурси.

– Моментално правната регулатива означува високо децентрализиран систем и сите надлежности се поделени на повеќе институции. Не само што треба државата да го пропише правото на вода и санитација како основно човеково право во нашиот Устав, туку треба да го централизира раководењето со водните ресурси затоа што моментално има голем број на надлежни институции кои имаат поделени обврски. Не е јасен односот меѓу самите закони, па оттаму не е јасен ни односот на одговорностите меѓу институциите кои треба да вршат обезбедување, контрола и мониторинг на раководењето со водните ресурси, вели Крстевска.

Во земјава, наведе таа, се прочистуваат само три до четири отсто од вкупното количество отпадни води, што е премалку. Затоа, вели Крстевска, имаме случаи со помор на риби и загадени реки.

– За жал до 2019 год се изградени 24 пречистителни станици со тоа што најнова информација е дека моментно има проект за изградба на пречистителна станица во Скопје. Тоа е сепак недоволен број на пречистителни станици, смета Крстевска.

Таа посочи дека влијанието на климатските промени, лошото управување со водите и можноста за приватизација на изворите со вода за пиење, фактичкото остварување на правото до пристап на квалитетна вода, лошите санитарни услови на ранливите категории, условите во училиштата за одржување на личната хигиена и условите на работните места како и моменталната состојба на реките и езерата се доволен показател зошто треба да го пропишеме правото на вода како основно човеково право.

Крстевска додаде дека со ратификација на протколот за вода и здравје нема да смени многу, меѓутоа е добра правна основа на која што може да се повикаме за имплементација на правото на вода како основно човеково право.

Би можело да ве интересира

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Повлечена вода од хрватскиот пазар испорачана во соседството

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Водовод го избриша известувањето дека нема да има вода во Скопје-било лага на неовластени лица

А1он

Подгответе се навреме: Утре речиси цело Скопје без вода или со слаб притисок

А1он

Дел од булевар „АСНОМ“ утре без вода

А1он