Доцни исплатата на школарините за стипендистите, плаќаат родителите наместо државата

Од:

Државата повеќе од два месеци доцни со исплата на школарините за дел од студентите кои се стипендисти, тврди родител чие дете студира во земја која е ЕУ членка. Тој вели дека односот на Министерството за образование и наука е малтретирање за децата. Родителот кој побара да остане анонимен, посочи дека МОН за неисплатените школарини имало повеќе објаснувања, но не и решенија. Од Министерството, велат дека на студентите кои доставиле фактура, во најголем дел им се платени школарините, со напомена дека уплати се прават постојано.

„Школарината за 2021 година, не е платена од септември односно од октомври кога беше последен рок да се плати од страна на МОН. Повеќе пати се обративме до МОН, а добивме објаснување дека прво е технички проблем, потоа дека е проблем ребалансот на буџет. Сега, еве, се помина. Но, ситуацијата е иста, непроменета. Повеќе не се обраќаме до МОН, туку до вас, со надеж дека ова малтретирање на децата во странство во период на најголема светска пандемија и криза ќе престане. Школарината на универзитетот на моето дете чини десетина илјади евра, плус месечно се даваат средства и за кирија и живот, а тука партиципира и семејството. Три месеци доцнеа и со исплата на стипендиите за септември, октомври, ноември, сега нешто платија, но касни и сега за декември. Ако треба да се покрие целиот износ за детето, односно храна, престој, кирија, тоа значи дека минимум што треба ние да одвојуваме се 1200 евра месечно, доколку не ја плаќаат стипендијата“, вели родител на студент кој е стипендист на државата.

Од Министерството за образование и наука без конкретен одговор дали тие дале насока на стипендистите и нивните родители сами да си ги подмират школарините, а државата отпосле да им ги рефундира средствата. Тие без конкретен одговор, само посочија дека постои таква можност: „Ова е предвидено со договорот за стипендија, така што секој родител има право и можност да ја плати школарината, а МОН да ја рефундира“.

„Школарините се плаќаат постојано, и најголем дел се исплатени за студентите кои доставиле фактура. МОН е во комуникација со сите универзитети каде имаме стипендисти, не сме добиле официјална опомена за исклучување на некој студент поради неплатена школарина“, додаваат во одговорот од Министерството.

Во однос на стипендиите за изминатите три месеци, од МОН велат дека им се исплатени на старите корисници, додека, на новите ќе им бидат исплатени денес и утре. За исплатата на декемвриските стипендии, оттаму велат дека ќе биде реализирана во најкус можен рок, односно, дека постапката е во тек.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови