Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска соопшти дека укажувањето што било доставено до Врховниот суд на РСМ од 10 овој месец, е во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку судиите од Врховниот суд на РСМ, против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите, ќе го прикријат постоењето на приватниот интерес со што ќе постапат спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Согласно доставеното укажување, ДКСК не ја загрозува независноста на судиите од Врховниот суд, бидејќи не навлегува во постапувањето по конкретни предмети согласно процесните закони, затоа што, тоа се однесува на конкретна ситуација, за која важат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
– Во одредбите точно е пропишано како треба да се однесува службено лице (пр. судија на Врховен суд на РСМ) во случај на постоење судир на интереси и начинот за изземање кога истите службени лица ќе дознаат за околностите што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси, се појаснува во соопштението од Антикорупциска.
Прикривањето на постоење приватен интерес од страна на службените лица, смета Комисијата, претставува повреда на должноста и основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
– Службено лице кога учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи зa кои тоа или нему блиско лице има приватен интерес, истото е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето, не се однесуваат само на конретни предмети по кои постапуваат судиите од Врховниот суд на РСМ, туку и на расправата за носење на општо начелно правно мислење. Согласно член 8 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси точно е утврдено значењето на изразот „службено лице“ и тоа: „под поимот „службено лице“ се подразбираат сите избрани или именувани лица и вработените во јавниот сектор“, што значи и судиите на Врховниот суд на РСМ, се појаснува во соопштението од ДКСК.
Соопштението на ДКСК е во врска со поднесните иницијативи до Врховниот суд од страна на двајца адвокати, за носење на начелен став, односно начелно правно мислење по прашањето за тоа, кој Закон за судовите, како материјален закон, ќе се применува од страна на Судскиот совет на веќе започнатите постапки за престанок, разрешување и основи за одговорност на судија, како и тоа дека за девет судии од Врховниот суд се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите.