Државната комисија за спречување на корупцијата вели дека при постапувањето по конкретни предмети поднесени од физички лица, користи редовна практика да одржува состаноци по барање на подносителот или по сопствено наоѓање со цел да се допрецизираат или појаснат наводите, односно сомнежите изразени од подносителот. Ова следува откако пратеничката на СДСМ Фросина Ременски денеска беше на состанок во комисијата за пријавите кои биле поднесени од нејзина страна.
„Во функција на непристрасен и отворен пристап во постапувањето по предметите, во изминативе 12 месеци се одржани повеќе од 100 состаноци со граѓани без оглед на нивната функција и место во општеството“, велат од Антикорупциска.
Од ДКСК тврдат дека податоците и информациите што ги добиваат од состаноците, ги користат во своето постапување, а конечните резултати ги соопштуваат на јавни седници.
„Како и досега, ДКСК во своето постапување ќе се раководи од начелата на законитост, праведност и интегритет, без оглед на тоа кој е подносител и против кој е поднесена пријавата и ќе се води по принципот на еднаков третман на сите предмети, без исклучок. ДКСК и во изминатиот период покажа решителност и непристрасност во постапувањето по предметите. Ваквиот проактивен пристап на работење на Комисијата посебно е забележан и во последниот работен документ на Европската Комисија, во кој е истакната важноста ДКСК да продолжи со постапувањата по предмети со наводи за непотизам“, додаваат од Антикорупциската комисија во соопштението. по состанокот со Ременски.
Таа претходно изјави дека е задоволна од работата на антикорупционерите, со кои разговарала за сите актуелни пријави во врска со постапување на институциите што таа ги поднела преку парламентарен надзор.
„Реално можам да очекувам исход од моите пријави, изјави пратеничката Фросина Ременски откако со членовите на ДКСК ги разгледале , како и идните пријави што треба да бидат процесирани“, рече Ременски.