Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖЗ) не регистрира недостатоци во кругот на поранешна Железара кога бил извршен инспекциски надзор.
Ова го посочи в.д. директорката на ДИЖС Ана Петровска по денешната прес-конференција.
– Направен е увид во Макстил, но и во кругот на поранешна Железара каде е одено со намера тие помали загадувачи кои потенцијално не се дури ни во наша надлежност да се детектираат доколку видиме емисии. Во моментот на надзорот не се утврдени недостатоци, но ние ќе продолжиме. Пак ќе се навратиме, вели Петровска.
Петровска информира дека направиле вонредно мерење во фабриката за хартија „Пејпер Мил“ во петокот и ги чекаат резултатите. Акредитирана лабораторија не мерела, туку мерела лабораторија која има хоризонтална акредитација, но не и акредитација за методите за мерење на емисиите.
– За „Пејпер Мил“ очекувам доколку се утврди некакво надминување дека секако ќе имаме или понатаму задолжување, но во зависност од сериозноста на прекршувања да почнеме секако со казни, посочи Петровска.
Прашана дали е извршена контрола во населбата 11 Октомври каде вчера се бележи надминување на границата за загаденост, Петровска посочи дека по препорака на инспекторот кој е задолжен за тоа подрачје, биле во неколку субјекти.
– Имаше неколку задолжувања за вонредни мерења на пример „Леснина“, „ДС Смит“, тоа се постројки кои ние секако ќе продолжиме да ги инспекторираме и со вонредните мерења да обезбедиме дека нема да има емисии, посочи Петровска.