Уставниот суд денеска ќе ја одржи 5. седница, на чиј дневен ред се седум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, како и пет предлог-одлуки по веќе поведени постапки.
Судиите ќе дискутираат по повеќе иницијативи, кои се однесуваат на измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои зголемувањето и усогласувањето на пензиите се ограничува на корисниците на кои пензијата им се исплаќа во државата.
Подносителите, меѓу кои и граѓани што живеат во странство, како и Народниот правобранител, тврдат дека со ваквите одредби се врши дискриминација врз основа на местото на исплата на пензијата и се создава нееднаква положба меѓу пензионерите. Според нив, правото на пензија е стекнато врз основа на уплатени придонеси, а не според местото на живеење.
Подносителот на иницијативата Игорчо Точев од Скопје во иницијативата наведува дека одредбата предизвикува дискриминација бидејќи ја ограничуваат исплатата на зголемување за 2.500 денари само на пензионерите што ја примаат пензијата во Македонија, но не и на пензионерите што ја примаат пензијата во странство. Според наводите, ирелевантно е каде пензионерот ја прима пензијата бидејќи тој добива пензија за остварената старост, а не според географската локација каде што живее.
Подносителот на иницијативата Љубомир Сандевски, со живеалиште во Словенија, тврди дека со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОСМ, кои се државјани на Република Северна Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година. Се наведува дека државата го скратува стекнатото право и своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените што прават дискриминација и категоризација на пензионерите што пензиите ги примаат во Македонија и на пензионерите што живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите што ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите.
Според подносителот на иницијативата Темелко Ристески од Скопје, со оспорените делови се создава нееднаквост меѓу пензионерите бидејќи иако имаат ист статус на пензионери, сепак се оневозможува усогласувањето да се применува за сите еднакво. Подносителот тврди дека на овој начин индиректно се ограничува слободата на движење на речиси 12. 000 пензионери како едно од уставно загарантираните права.
Подносителот на иницијативата Kире Батев, со живеалиште во СР Германија, смета дека со оспорениот закон е направена дискриминација на пензионерите што живеат во странство, а не им се исплаќа линеарното усогласување на пензиите. Дополнително, тој тврди дека целиот работен век го остварил во Македонија и поради лични причини, живее со децата во странство за што наведува дека социјалното и пензиското осигурување редовно го уплаќал во матичната држава.
И Народниот правобранител на Република Северна Македонија има поднесено иницијатива по поднесени повеќе барања од граѓани. Во иницијативата наведува дека до него се обратиле повеќе граѓани, кои се засегнати за своите права од областа на пензиското и инвалидското осигурување како корисници на правото на пензија од Република Северна Македонија, кои живеат надвор од земјата. Се тврди дека се изземени од исплатата на предвидените покачувања на пензиите, па поради тоа, укажуваат на дискриминација и нееднаква положба со другите корисници што живеат во државата.
