Димова пред да ја разрешат исплатила 26 илјади евра кон фризерницата, додека Финансиската полиција водеше истрага

Од:

Десет дена пред да биде разрешена од директорската позиција во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова потпишала налог за исплата на 1.637.296 денари, односно 26.623 евра кон фризерницата „В.Е.З. Трејд“, сопственост на Зоран Златковски. Исплатата била направена и покрај тоа што претходно Финансиската полиција влезе во Националната агенција, одзеде документи и соопшти дека води истрага за случајот „фризерница“, кој сега го истражува и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Парите биле трансферирани според договор кој фризерницата „В.Е.З. Трејд“ го има склучено со Националната агенција. Тие се дел од доделените 270.000 евра во периодот од 2018 до 2020 година. „А1он“ дојде до информации дека според истрагата на Финансиската полиција, досега кон „В.Е.З. Трејд“ се исплатени 5.388.762 денари, односно 87.596 евра.

Обвинителството ги сомничи Лидија Димова и Зоран Златковски дека предизвикале штета од големи размери на средствата од Европската заедница во периодот од 2018 до 2020 година. Истрагата утврдила дека има судир на интереси во одобрувањето на грантови за „В.Е.З. Трејд“, бидејќи Златковски бил надворешен експерт во Националната агенција. Дополнително, тој бил ангажиран без јавен оглас, што повторно се коси со Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

„А1он“ исконтактира со разрешената директорка Лидија Димова од која побаравме одговор зошто и покрај отворената истрага од Финансиската полиција, на десет дена пред разрешувањето направила исплата кон „В.Е.З. Трејд“, како и дали чувствува вина по отворените сомневања дека проневерила европски пари. Таа до објавувањето на текстот не одговори на нашите прашања.

Молк и од сопственикот на фризерницата „В.Е.З. Трејд“, Зоран Златковски. „А1он“ испрати прашања зошто дозволил кон неговата фирма да се исплатат парите, во исто време додека Финансиската полиција водеше истрага за случајот, како и дали чувствува вина за проневера на европски пари, откако доби статус на осомничено лице во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој, не сакаше да одговори на прашањата.

„Постапката е во тек на истрага, кога со закон е забрането да се откриваат какви било детали, со кои истата би се осуетила. Доколку имата прашања обратете се до Судот и Обвинителството“, вели Златковски.

 

Инаку, 13 дена по последната исплата кон „В.Е.З. Трејд“, судот изрече мерки на претпазливост за Зоран Златковски поради опасност од бегство, а два дена потоа и за Лидија Димова. На двајцата, заедно со Александар Гочев осомничен во делот на злоупотреби со благајната, им се одземени пасошите, имаат обврска за повремено јавување во суд и забрана за вршење на одредени работни дејствија.

Лидија Димова е осомничена за две кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување, и, измама на штета на средства на европската заедница. Златковски и Гочев се сомничат само за едно дело, измама на штета на средства на европската заедница. Четвртоосомничена е пензионираната благајничка Ана Павлиду за несовесно работење во службата.

„А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски им префрлал пари на трансакциска сметка и  барал да му ги вратат во кеш. Златковски на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не зел пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.

Би можело да ве интересира

Македонија треба да врати 2,2 милион евра злоупотребени од програмата Еразмус+

Катерина Ѓуровски

Почна судењето против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова

(ВИДЕО) Лидија Димова не дојде на првото судење со оправдување за влошено здравје, судијката реагира: Не ми се допаѓа ваквиот почеток!

Кристијан Ландов

Обвинение за Лидија Димова, предизвикала штета од 20 милиони денари со злоупотреби

Кристијан Ландов

Вештачење ги дели Лидија Димова и соработниците од обвинение за злоупотребите во Националната агенција

Кристијан Ландов

Лидија Димова ја тужела Агенцијата со која директоруваше, додека чека Обвинителството да одлучи дали ќе ја гони неа

Кристијан Ландов