Дигитализацијата не е само тренд, туку и потреба вели министерката за образование

Од:

Новиот концепт на основно образование бара интерактивност и не насочува кон истражување и решавање на проблеми, воедно не предлага учебници и учење дома, туку подолг престој во училиште и завршување на работите и задачите во училиште заради тоа што токму тоа е местото каде учиме, порача министерката за образование и наука Мила Царовска.

-Не треба да имаме перцепција дека дигиталниот учебник е седење и читање ПДФ формат. Дигиталниот учебник е аудио симулација, анимација, факти и знаења кои се потребни но прикажани на соодветен и интересен начин за ученикот. Ние во текот на нашето живеење учиме од целата околина, но сега наставникот ќе има инструкција домашната задача да биде максимум 20 минути потрошени во домашни услови, што значи разговор или одредено истражување во средината во која живее за ученикот да се врати назад со информации кои следниот час ќе треба да ги потврдат и анализираат, рече Царовска во одговор на прашање пред почетокот на обуката на националниот тим на обучувачи на наставници од прво и четврто одделение.

Нагласи дека трендот на незадоволство од училиштето е многу голем кај учениците, не им е интересно во училиште заради содржините поставени во застарени и неприлагодени учебници кои не го задржуваат нивното внимание, а тоа, како што рече, директно влијае на негативните резултати кои ги има образовниот систем на сите можни тестирања што се спроведуваат и укажуваат дека како држава сме на дното во делот на образование.

-Училиштата со новиот концепт првпат ќе имаат обврска да им обезбедат уред на учениците кој ќе се користи во училиштето, но доколку од било кои причини не може да се користи надвор од училиштето ќе треба да им отпечатат верзија од учебникот. Целосно ги разбирам сите предизвици и нејаснотии кои ги имаат родителите и наставниците, но целата реформа е фокусирана на потребата на учениците кои на таа возраст имаат потреба од современи алатки кои понатаму ќе им требаат за да се справуваат со предизвиците во кои ќе живеат, а живеат и денеска, рече Царовска.

Порача дека дигитализацијата не е само тренд, туку и потреба која се случува во целиот регион и целиот свет.

-Содржините кои можат да бидат поставени во дигитален учебник се многу посовремени, поинтересни и поскокотливи за учениците за да ги заинтересираат. Учениците растат и живеат со дигитални уреди и постојано се изложени на анимација која е невозможно да се постави во печатен учебник, но тоа не значи дека немаме учебници, рече Царовска.

Потсети дека до минатата година главна тема на секоја родителска средба во училиштата беше тежината на ранците, а токму дигитализацијата е едно од решенијата како да ги спасиме учениците од непотребната тежина која ја носат.

-Учениците имаат можност да добијат и хартиена верзија и аудиоверзија, па дури и на Брајово писмо, што првпат се поставува, за да можат сите да имаат пристап. На овој начин до учебници ќе дојдат и помалубројните етнички заедници за кои досега немаше печатени учебници. Дигитализацијата значи и насочување и интерактивно учење на учебникот и да може да научи дека нема само еден извор на информирање, туку повеќе. На овој начин првпат ќе се обидеме да направиме драстичен скок во квалитетот на наставниот материјал, прецизира Царовска.

Додаде дека печатените учебници насочуваат кон фактографско учење, кое не е цел на новиот концепт, но ако некој сака да го испечати учебникот, како што рече, ќе може тоа слободно да го направи зашто авторските и материјалните права ќе бидат на државата, дополнително и училиштето првпат има законска обврска да обезбеди печатена верзија за материјално необезбедените ученици.

Би можело да ве интересира

Уште две министерки побараа апанажа: Царовска молчи за плановите, Шекеринска размислува

Кристијан Ландов

Царовска: Условите за работа и движење меѓу население и условите за движење во училишниот двор се подеднакви

Царовска: Брзи тестови во училиштата не се препорачани од Комисијата за заразни болести

Катерина Ѓуровски

Царовска: Состојбата во училиштата стабилна

Катерина Ѓуровски

Царовска: Изминатиот ден имавме 14 позитивни ученици, нема интерна трансмисија во училиштата

Маја Илиевска-Пачемска

Царовска на средба со средношколците: Наставата со физичко присуство е најдобра опција

А1он