Во случајот со стипендирањето на ќерката на Никола Димитров, нема ниту нејзино привилегирање, ниту дискриминирање на кој било друг кандидат, вели поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска откако денес беше објавено дека лани, за време на нејзиното минстерување со образованието стипендија од 40 000 долари за студии во Холандија добила Јана Димитрова, ќерка на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Нема ниту нејзино привилегирање, ниту дискриминирање на кој било друг кандидат. Тоа може да се види и од списокот на кандидати и од списокот на лицата кои конкурирале. Секој студент којшто ги исполнува строгите критериуми за упис на најдобро рангираните 100 универзитети има право да добие стипендија и не смее да биде дискриминиран, а истото важи и за ќерка на сегашен функционер. За случајот со ќерката на Димитров, законските рокови и условите се целосно испочитувани, затоа што МОН не влијае при упис на кандидатите на странски универзитет, туку доделува стипендија на сите деца кои ги исполнуваат условите без исклучоци, без привилегирање и без дискриминација“, изјави Дескоска.
Таа смета дека во целиот случај на доделување на стипендијата никој не ја злоупотребил службената должност.
„Злоупотреба на службена должност постои во два случаи: доколку на некој студент кој не ги исполнува условите му биде доделена стипендија и доколку на некој кој ги исполнува условите не му биде доделена стипендијата. Ниеден од овие два случаи не се присутни при доделувањето на стипендијата на ќерката на Никола Димитров“, вели Дескоска.
Таа сугерира дека добро би било јавноста да изврши увид на листата на стипендисти за студирање во странство во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во кое, како што вели, може да се видат многу звучни имиња, но, притоа и да се изврши увид дали при доделувањето на тие стипендии биле исполнети условите што се барале.
Нагласува дека доделувањето стипендии во 2017 година се одвивало во законска постапка и врз основа на пропишани критериуми, а условите што требало да ги исполни секој кандидат биле јасни, прецизни и правно уредени. Секој кандидат кој ги исполнувал условите за доделување стипендија за студирање на најдобро рангираните 100 универзитети бил стипендиран. Во конкурсот немало ограничување на бројот на места, а во 2017 година, според Дескоска, имало помалку кандидати од одобрените средства за стипендии.
Дескока има објаснување и за парите исплатени во изборен период кога на институциите им се забранети такви активности.
„Заради појаснување на постапката, формираните комисии одлучуваат во определни интервали, согласно со доставените пријави за стипендирање. Заради почитување на законските рокови, сите одлуки се донесени пред распишување на изборите. Секако, јасно е дека не е возможно одлучување по изборите бидејќи на тој начин студентите ќе ја испуштат учебната година која почнува или во септември или октомври, зависно од универзитетот. Поради изборите беше поместено и одлучувањето за стипендиите за Шефилд кои ги доделува МОН во содејство со претседателот на РМ“, објасни Дескоска.
И од Министерството за образование тврдат дека нема ништо спорно во одобрените 40 000 долари на ќерката на Димитров.
„Дали апликантот има родители/старатели и дали извршуваат јавна функција, работат во државната администрација или во приватниот сектор, како и нивниот материјален статус, никогаш не било критериум. Секој кој ги исполнува условите има право на овој тип стипендија и досега правото го искористиле повеќе од 200 апликанти. Согласно со конкурсот, Министерството доделува стипендија најмногу во висина до 40 000 американски долари на годишно ниво за покривање на трошоците за уписнина на апликантот. Доколку износот на уписнината е поголем, разликата ја надоместува апликантот. Овие средства (до 40 000 американски долари на годишно ниво) се префрлаат директно на високообразовната установа каде студентот е запишан, односно тој воопшто не ги добива на неговата сметка “, велат од Министерството за образование.
Од таму не одговорија дали гледаат непотизам и судир на интереси во одобрувањето на стипендијата.
И министерот за надворешни работи, Никола Димитров, не одговори на прашањата поврзани со стипендијата на неговата ќерка. Од неговиот кабинет за попладнево најавија официјална реакција и објаснија дека министерот е зафатен со посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Маја Илиевска-Пачемска